1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Има само една Академија на науките и уметностите

ДТЗ
16 октомври 2024

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавија дека со сите расположливи механизми ќе се спротивстават на намерите на општините, коишто најавија дека ќе го финансираат проектот за Албанска академија на науките.

https://p.dw.com/p/4ls4t
Христијан Мицкоски
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржат финансирање на албанска академијаФотографија: Government of North Macedonia

Повторното отворање на темата околу можноста за отворање на албанска академија на науките и уметностите предизвика повторно лавина реакции во јавноста. Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче е загрижен, а премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека постои само една Академија на науките и уметностите. 

„Тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академиците од различни етнички заедници“, порача премиерот Христијан Мицкоски, откако во вторникот (15.10)  во Тетово беше објавено дека четири општини, со кои раководат кадри од „Вреди“ ќе го финансираат работењето на Здружението на граѓани - Албанска академија на науките и уметностите.

Мицкоски не очекува ваквиот потег на „Вреди“ да влијае негативно на владината коалиција. „Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национали теми не се мој приоритет“, рече Мицкоски. 

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавија дека со сите расположливи механизми ќе се спротистават во општините коишто најавија дека ќе го финасираат овој проект.

Венко Филипче
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче категорично се спротивставува на идејата за формирање на паралелна нова Академија за науки и уметности.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи финансирање на албанска академија 

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена. 

„Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации повеќе би сакал да видам да се трошат за инфраструктурни проекти, да креираме услови за младите да се вратат назад и тоа се темите за кои сакам да разговарам. Теми коишто поларизираат или етнизираат не се теми во кои сакам да бидам соговорник“, вели Мицкоски. 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на социјалните мрежи порача дека е загрижен и категорично се спротивставува на идејата за формирање на паралелна нова Академија за науки и уметности.

„Преседан е создавање на „етнички чисти" институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици“, вели Филипче.

Според него, СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите. „Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството“, категоричен е Филипче. 

Коалиција „Вреди“
Од Коалицијата „Вреди“ стојат на ставот дека албанската академија е исклучиво научен проектФотографија: Petr Stojanovski/DW

Албанска академија како научен проект 

Од Коалицијата „Вреди“ стојат на ставот дека албанската академија е исклучиво научен проект, кој има за цел да ја унапреди академската мисла. „Бидејќи албанските интелектуалци систематски се дискриминирани во МАНУ, тие немаат простор каде да делуваат. Поради тоа, ние бевме принудени да создаваме платформа која ќе овозможи развој на научната мисла“, велат од коалицијата. 

Тие апелираа до сите политички партии, место да критикуваат, да се охрабрат и да дадат поддршка за оваа иницијатива, за преку инклузивна дебата да се најде правично решение за претставувањето на Албанците во највисоките академски кругови.

Околу ова прашање се огласија и од ДУИ, кои велат дека не се согласуваат со овој принцип на функционирање на академијата.