1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп и Маск се мешаат во дебатата за буџетот во САД

Тагесшау | ЕМФ
19 декември 2024

Дали САД се соочени „шатдаун“? Новоизбраниот претседател Трамп и неговиот советник Маск ги повикаа републиканците во Конгресот да гласаат против компромис за буџетот. Без тоа, владата во сабота ќе остане без пари.

https://p.dw.com/p/4oLOb
Доналд Трамп и Илон Маск
Доналд Трамп и Илон Маск (архивска фотографија)Фотографија: JIM WATSON/AFP via Getty Images

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот советник Илон Маск се вклучија во тековната дебата во САД за буџетот, со што го зголемија ризикот од т.н. „шатдаун“.

Републиканецот и најбогатиот човек на светот ги повикаа републиканските членови на Конгресот да не го одобрат предлог-законот за привремена финансирање, кој беше резултат на преговори. Трамп предупреди дека републиканците кои гласаат за актуелниот законодавен пакет би можеле да се соочат со проблеми да бидат реизбрани. „Секој републиканец кој би бил доволно глупав да го направи ова, треба и ќе биде оспорен на прелиминарните избори“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Илон Маск претходно на платофрмата Х напиша дека „шатдаун“ би бил подобар отколку донесување на законот.

Во врска со предлог-законот се изјасни и идниот потпретседател на САД, Џеј Ди Венс, според кого наместо донесување на законот, треба да се зголеми горната граница за задолжување и да се скратат „подароците за демократите“.

Белата куќа бара почитување на договорот

Белата куќа потсети дека мора да се почитуваат и договорите меѓу партиите. „Договорот е договор“, рече портпаролката на американскиот претседател Џо Бајден, Карин Жан-Пјер. „Републиканците треба да си го одржат зборот.“

Според неа, секој што го доведува во прашање договорот што беше макотрпно постигнат преку партиски линии, ќе им наштети на „вредните Американци“ и на стабилноста на земјата.

Капитол Вашингтон САД
Темни облаци над Капитол во Вашингтон, САДФотографија: J. Scott Applewhite/AP/picture alliance

Без договор, во сабота ќе снема пари

Доколку Конгресот не постигне договор во наредните денови, федералната влада ќе остане без пари почнувајќи од сабота - односно земјата ќе се соочи со т.н. „шатдаун“. Шефовите на двата дома на Конгресот во вторникот (17.12.) се согласија за закон кој првично треба да обезбеди финансирање до 14-ти март. Трамп ќе се всели во Белата куќа на 20 јануари.

Демократите на претседателот Џо Бајден во моментов имаат мало мнозинство во Сенатот, додека републиканците имаат мнозинство во Претставничкиот дом. Сепак, поради отпорот на некои републиканци таму, партијата веќе сега мора да се потпре на поддршката на демократите.

Најдолгиот „шатдаун“ во историјата на САД се случи во 2018/19 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп. Тој траеше 35 дена.