1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

„Најразорните пожари во историјата на Калифорнија“

ЖА /АРД
10 јануари 2025

Неколку пожари продолжуваат да беснеат околу Лос Анџелес. Бројот на смртни случаи расте, а повеќе од 300.000 луѓе мораа да побегнат на безбедно.

https://p.dw.com/p/4p0YR
пожари Лос Анџелес
Неколку пожари продолжуваат да беснеат околу Лос АнџелесФотографија: DAVID SWANSON/AFP

Tочниот број на загинати во пожарите во областа на Лос Анџелес во американската сојузна држава Калифорнија сѐуште е нејасен. Според американските медиуми, властите пријавиле уште еден смртен случај. Лицето загина во таканаречениот „Пожар Палисадес“, кој моментално е најголем од петте пожари во поголемиот дел од метрополата на Западниот брег, едногласно објавија медиумите, повикувајќи се на пожарникарската служба. Си-Ен-Ен зборуваше за седум жртви, а Ен-Би-Си за шест. Повеќето од нив загинале во таканаречениот „Итон пожар“ во близина на Пасадена. Крајбрежниот град Малибу, исто така, го пријави својот прв смртен случај. Шерифот Роберт Луна  од округот Лос Анџелес  во четвртокот попладне (по локално време) потврди дека најмалку пет лица загинале во двата големи пожари, пожарот Палисадес и пожарот Итон. Неколку часа претходно, тој предупреди дека бројот на загинати може да продолжи да расте.

Пожарот Палисадес беснее на 8.000 хектари

Ситуацијата околу двата поголеми пожари, кои се активни веќе околу два дена, останува тешка. Противпожарните бригади со големи напори се борат со огнената стихија. Вкупно биле мобилизирани повеќе од 7.500 пожарникари. Околу 400 членови на Националната гарда на Калифорнија се исто така распоредени за да помогнат во гаснењето на пожарот.

Лос Анџелес пожари
Пожарот во Палисадес моментално е најголем од петте пожари во Лос Анџелес Фотографија: Ringo Chiu/REUTERS

Според противпожарната служба, во моментов има пожари на површина од околу 8.000 хектари, а сега огнот се шири во внатрешноста со стрмни планински сртови и карпести кањони. Таму има само неколку патеки, најчесто неасфалтирани, а стрмниот терен ја отежнува работата на пожарникарите.

Пожарот Итон сè уште не е под контрола

Според пожарникарите, „Итон пожарот“ во близина на Пасадена сега се проширил на повеќе од 5.500 хектари. „Пожарот Итон останува целосно неконтролиран“, нагласи началникот на окружната противпожарна служба Ентони Мароне.

Лос Анџелес пожари
Неколку жртви во пожарот во Итон, се стравува дека бројот може да растеФотографија: Jon Putmanp/Anadolu/icture alliance

Иако ширењето прилично забавило поради намалувањето на ветровите, американската Национална метеоролошка служба предупреди дека „значително ширење“ на пожарите и понатаму е веројатно. Освен тоа, се разгорел нов т.н. „Кенет пожар" меѓу Лос Анџелес и Вентура, кој опасно брзо се приближува кон куќите во ридскиот регион. Поттикнат од силните ветрови, пожарот веќе гори на површина од околу 320 хектари, се вели во соопштението.

Барем една добра вест

Има позитивни вести од барем еден од големите пожари: во Холивуд Хилс, властите објавија прв претпазлив крај на тревогата. „Пожарната активност е намалена“, велат од кабинетот на шерифот. Пожарот сега главно гори на мала област ограничена од противпожарната служба. Укинати се наредбите за евакуација на областа. Според пишувањата на медиумите, пламенот брзо се проширил кон познатиот холивудски булевар „Сансет“. Противпожарните авиони биле во постојана акција за да се спречи ширењето на пламенот во густо населениот Холивуд.

Бајден: Пожарите „најразорни“ во историјата на Калифорнија

Според американскиот претседател-  Џо Бајден, пожарите во пошироката област на Лос Анџелес се најлошите во историјата на Калифорнија. Демократот, кој има само уште неколку дена на функцијата, повторно бил информиран за ситуацијата во четвртокот вечерта (по локално време) заедно со потпретседателката Камала Харис.

Џо Бајден пожари Лос Анџелес
Според американскиот претседател Џо Бајден, пожарите во пошироката област на Лос Анџелес се најразорни во историјата на КалифорнијаФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Тој исто така објави дека 360.000 луѓе од најпогодените области на западниот брег  на САД  веќе се пренесени на безбедно. Севкупно, пожарите околу Лос Анџелес веќе опустошија површина од околу 116 квадратни километри - приближно колку градот Сан Франциско.

Уништени 10.000 згради

Од вторникот  околу Лос Анџелес избувнаа вкупно пет големи пожари.  Причината сѐ уште е нејасна. Во јужна Калифорнија најмалку осум месеци речиси да нема заврнато дожд, дрвјата и грмушките се исушени. На ова се надополнуваат силните ветрови од Санта Ана кои се карактеристични за сезоната, кои брзо го рашируваат пламенот.

Лос Анџелес пожари
Цели  улици во Лос Анџелес се претворени во прав и пепел Фотографија: Tayfun Coskun/Anadolu/picture alliance

Пожарите се разгореа со брзина од над 100 километри на час и можеа експлозивно да се шират. Последиците се разорни: околу 10.000 објекти веќе станаа жртви на разорните шумски пожари во Лос Анџелес. Според шефицата на противпожарната служба Кристин Кроули, повеќе од 5.300 куќи изгореле само во луксузната населба Пацифик Палисадес на северозападниот раб на Лос Анџелес. Цели  улици се претворени во прав и пепел. 

Изгледа како да е „фрлена атомска бомба во овие области“, рече шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна за ситуацијата во погодените региони.

Повеќе од 100.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови, вклучително и бројни холивудски ѕвезди и познати личности од забавната индустрија. Противпожарната служба проценува дека досега се погодени околу 4.000 до 5.000 објекти, вклучително и повеќесемејни куќи, комерцијални објекти и возила.