1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Нетанјаху нема интерес за конфликт со Сирија

ЕМФ | дпа
16 декември 2024

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговарал со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Сирија и рекол дека нема интерес за конфликт.

https://p.dw.com/p/4oB4C
Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел
Бенјамин Нетанјаху, премиер на ИзраелФотографија: Koby Gideon/ZUMA/IMAGO

Израел нема интерес за конфликт со Сирија и ќе се однесува зависно од ситуацијата, рекол израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во разговор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Сирија со децении беше „активна непријателска држава“ и постојано го напаѓаше Израел. Освен тоа, таа им дозволуваше на други да го нападнат Израел од нејзина територија. Сирија, исто така, му дозволи на Иран да ја вооружува шиитската милиција Хезболах во Либан преку нејзина територија. „За да се осигураме дека тоа нема да се повтори, презедовме голем број интензивни мерки во последните неколку дена“, рекол Нетанјаху.

Од соборувањето на владетелот Башар ал-Асад пред една недела, Израел постојано бомбардираше стратешки воени објекти во соседната земја. Покрај тоа, Израел распореди и војници во областите од другата страна на линијата за прекин на огнот во окупираната Голанска Висорамнина. Тие навлегоа во таканаречената тампон зона, која е под надзор на ОН во согласност со договорот за прекин на огнот од 1974 година. Сега Израел сака да ги прошири своите населби во Голанската Висорамнина. Арапските земји ги осудија ваквите планови.

Во разговорот со Трамп, како што се вели од Тел Авив, станало збор и за напорите да се постигне ослободување на израелските заложници кои сѐ уште се во рацете на исламистичкиот Хамас. „Ќе продолжиме да работиме неуморно за да обезбедиме сите наши заложници, живи и починати, да се вратат дома“, рекол израелскиот премиер. Според израелските информации, во рацете на Хамас сѐ уште има - живи или мртви - околу 100 заложници.