1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова средба на Шолц и Вучиќ: литиумот повторно главна тема

Ненад Крајцер
10 декември 2024

Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе се состане со српскиот претседател Александар Вучиќ во вторник во Фрајберг, Саксонија. Оваа средба добро ќе им дојде и на двајцата државници на внатрешен политички план.

https://p.dw.com/p/4nvsH
Олаф Шолц и Александар Вучиќ
Германскиот канцелар Олаф Шолц и српскиот претседател Александар Вучиќ во последно време многу се гледаат.Фотографија: Georg Wendt/dpa/picture alliance

Борбата за германска автомобилска индустрија која е во пад и за работните места во индустријата воопшто полека, но сигурно се кристализира како една од централните теми на германската изборна кампања, која според зачестеноста со која кандидатите за канцелар на парламентарните партии се појавуваат на политичките ток-шоуа, е одамна започната.

Актуелниот канцелар Олаф Шолц го сфати ова пред се, брзајќи од кризен состанок на кризен состанок обидувајќи се да го надомести сето она што неговата влада во заминување го пропушти во последните три години. Иако испитувањата на јавното мислење не им даваат на Шолц и неговата Социјалдемократска партија на Германија (СПД) многу шанси на помалку од три месеци пред веројатните предвремени избори, најновите анкети покажаа благ пораст на СПД, што ќе му даде на актуелниот канцелар повеќе причини за интензивирање на кампањата.

Без разлика дали се работи за минатонеделната ненајавена посета на Киев или за денешниот (9 декември) кризен состанок со претставници на германската тешка индустрија, Шолц не губи време обидувајќи се да ги убеди гласачите повторно да му веруваат. 

Предизборен период во Саксонија 

Еден од состаноците што спаѓаат во оваа предизборна серија е утрешната средба во малиот саксонски град Фрајберг, каде што српскиот претседател Александар Вучиќ ќе го придружува на обиколката на Саксонската рударска канцеларија, која работи од 12 век. Тема на состанокот е „Одржлива експлоатација на литиум“. Во блискиот Алтенберг, компанијата Zinnwald Lithium планира да експлоатира 15.000 тони литиум хидроксид годишно. 

Шолц веќе беше во Фрајберг на крајот на август кога беше информиран за напредокот на плановите за експлоатација на литиум, кој треба да ги покрие потребите од околу еден милион батерии за електрични автомобили, кои се толку многу неопходни за германската автомобилска индустрија. Сега и Вучиќ треба да биде информиран за плановите за одржлива експлоатација на литиум. 

протести Србија
Протести против експлоатација на литиум во Србија (Белград, 10 август 2024 година)Фотографија: Zorana Jevic/REUTERS

Еден месец пред тоа, во јули, во присуство на Олаф Шолц, Александар Вучиќ и потпретседателот на Европската комисија, Марош Шевчович, беше потпишан договор меѓу Србија и Европската Унија за експлоатација на литиум во долината на Јадaр.

Потоа следеа неколкумесечни протести на граѓаните во Србија кои се противат на експлоатација на литиум во еколошки чувствителната долина Јадар. 

Заборавени лекции со Русија 

За овие протести и скептицизмот што значителен број граѓани на Србија и активисти надвор од Србија го имаат кон проектот, се огласија и во Германија.

Иако Шолц при потпишувањето на договорот во јули изјави дека при реализацијата на проектот за експлоатација на литиум ќе се почитуваат сите еколошки стандарди, германската влада сè уште не гледа проблеми со плановите за експлоатација на литиум во Србија

На барање на партијата Левица во Бундестагот, германската влада го окарактеризира проектот Јадар како „политичка и еколошко-политичка мерка на суверена држава, која германската влада ја забележува“, во документот што го објави „Ди велт“ пред неколку дена. 

Во исто време, на прашањето на партијата Левица како германската влада го оценува степенот на независност на судството и владеењето на правото во Србија, одговорот е дека некои реформски планови се спроведени, но дека „суштински реформски чекори се уште се неопходна“.Германската влада не се сомнева и во одлуката на Уставниот суд на Србија, кој даде зелено светло за проектот Јадар. 

Парламентарната претставничка на левата партија Корнелија Моринг остро го критикуваше односот на германската влада кон властите во Србија . „За канцеларијата на канцеларот, интересите на германската автомобилска индустрија се поважни од интересите на локалните граѓани во Србија“, рече Моринг. Според неа, „се чини дека германската влада е замолчена од литиумот и очигледно ништо не е научено од лекцијата со Русија“, рече претставничката на Левица, очигледно алудирајќи на фаталната зависност на Германија од рускиот гас. 

Грижа за германскиот работник 

Скептицизам за инволвираноста на социјалдемократскиот канцелар Шолц во проектот Јадар покажува и неговата сопствена партија. Претставникот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и долгогодишниот известувач на неговата партија за Западен Балкан, Јосип Јуратовиќ, зборува за потребата за трансформација на германската автомобилска индустрија, за која е потребен и српски литиум. Но, истовремено заклучува дека протестите во Србија против овој проект упатуваат на дискутабилност на целата идеја.

„Србија за жал не е во состојба да изврши ископ кој би бил еколошки поднослив, па народот со право протестира против тој проект. За жал, Србија нема институционални надзорни тела, барем не во доволна мера, кои би го надгледувале ископувањето, а верувам дека ниту тие имаат доволно силни законски и законски рамки“, вели Јуратовиќ.

Јосип Јуратовиќ
Јосип Јуратовиќ во Бундестагот, германскиот парламентФотографија: Achim Melde/Deutscher Bundestag

Јуратовиќ, како искусен социјалдемократ, и покрај неговиот скептицизам, истакнува дека литиумот во Србија сепак би можел да се експлоатира на одржлив и еколошки начин доколку се контролираат стандардите коишто треба да се применуваат и при експлоатацијата на литиум во Саксонскиот Алтенберг. „За да може овој проект да се реализира веродостојно, потребен е практичен пример во Германија, а тоа е Саксонскиот Обербергам во Фрајберг.

И Србија и Германија треба да имаат ист интерес, не само поради снабдување на германската автомобилска индустрија и производство на еколошки одржливи батерии, туку и поради тоа што околу 40 отсто од рударството во Србија веќе е контролирано од Кина без никакви надзор, а чиј начин на ископување никој не го контролира“, заклучува Јуратовиќ. 

„Контрадикторната политика на владата на Олаф Шолц“ 

Портпаролот за надворешна политика на Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ, Јирген Хард, смета дека владата на Олаф Шолц во заминување води контрадикторна политика кога е во прашање Србија. „Федералната влада го продолжува својот нестабилен курс во надворешната политика. Канцеларот Олаф Шолц го прими српскиот претседател во Саксонија за да му покаже како таму се ископува литиум според највисоките еколошки стандарди. Во исто време, членовите на неговата партија, како што е претседателот на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, Мајкл Рот, повикува на прекин на пристапните преговори на Србија во ЕУ“, вели Хард. Тој заклучува дека ниту Шолц ниту Рот „очигледно не се усогласени“ со Министерството за надворешни работи, кое е во рацете на Зелените, заедно со социјалдемократите, единствената преостаната партија во распаднатата коалиција на германскиот канцелар. 

Но, Борис Мијатовиќ, известувачот на Зелената партија за Западен Балкан, и покрај економските интереси на Германија и сета негова грижа за германската автомобилска индустрија и работни места, смета дека кога станува збор за Вучиќ, треба да се внимава. „Дури и ако Германија и ЕУ имаат стратешки интерес за добри економски односи со Србија, не смееме да заборавиме со кого си имаме работа“, вели Мијатовиќ за ДВ.

Тој потсетува дека, според организацијата Фридом Хаус, Србија во меѓувреме е „хибридна држава“ во која претседателот Вучиќ „балансира не само меѓу Русија и Кина и ЕУ, туку и меѓу автократијата и демократијата“. „Не можеме да го ослободиме господинот Вучиќ од одговорност кога, на пример, се величат осудените воени злосторници или кога геноцидот во Сребреница постојано се негира. Актуелните масовни протести во Србија покажуваат дека во земјата нема демократски дијалог меѓу граѓаните и политичка одговорност и дека демократијата упорно се демонтира“, заклучи Мијатовиќ. 

Литиум за владеење на правото? 

За некои набљудувачи во Германија, токму проектот за експлоатација на литиум влева надеж за можно позитивно политичко влијание, особено кога станува збор за владеењето на правото. „За очекување е Шолц да разговара за патот на Србија кон ЕУ, и за позицијата на Германија во врска со отворањето на кластерот 3 во Брисел на крајот на декември“, изјави за ДВ Милан Нич од Асоцијацијата за надворешна политика (ДГАП). Мич се надева дека германскиот канцелар ќе се заложи за забрзување на процесот против претставникот на Србите на Косово, Милан Радоичиќ, кој е осомничен дека е вмешан во настаните во Бањска минатата година.

соларни панели, фабрика
Фабрика за соларни панели во ФрајберФотографија: picture-alliance/dpa/J. Lösel

Маја Пишчевиќ од белградскиот огранок на аналитичкиот центар на Атлантскиот совет истакнува дека германскиот канцелар Шолц при потпишувањето на договорот во јули не ги ни споменал демократските дефицити во Србија. „Она што беше особено болно за српската јавност е тоа што за време на заедничката прес-конференција, канцеларот Шолц не спомна ниту еден збор за состојбата на демократијата во Србија, а особено за владеењето на правото, што никогаш порано не било случај кога станува збор за германската влада“, изјави Пишчевиќ за ДВ. Но, како што вели таа, последните настани во Србија ги разнишаа „безбедните темели“ на литиумскиот проект на Вучиќ. 

 „Што се однесува до понатамошната судбина на проектот, таа сè уште е неизвесна со оглед на бројните протести, особено се помасовните протести на студенти низ земјава, по трагедијата во Нови Сад. Дополнително, мнозинството српски граѓани сè уште се против ископувањето на литиум, бидејќи немаат доверба во институциите во земјата да ги исполнат највисоките еколошки стандарди за заштита на здравјето на српските граѓани. Трагедијата во Нови Сад, во која животот го загубија 15 невини луѓе, само дополнително ги зацврсти уверувањата на граѓаните дека живеат во земја во која институциите се заробени и спречени да ја вршат својата работа“, заклучува Пишчевиќ.