1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоЕвропа

Од 2025 година нови правила за влез во ЕУ

БГ
25 декември 2024

ЕУ планира да воведе нов систем за влез и излез од територијата на земјите-членки во 2025 година. Засега е неизвесно кога точно тоа ќе се случи. Ова се најважните измени кои ќе ги засегнат и македонските граѓани.

https://p.dw.com/p/4oZLQ
ЕУ Граници
ЕУ планира да воведе нов систем за влез и излез од територијата на земјите-членкиФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Во новата 2025 година, Европската унија планира да воведе два нови системи за регистрација на патници кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ и Шенген зоната.

Системите имаат за цел да ја зајакнат безбедноста и да ги олеснат и забрзаат процедурите за патниците кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ. Почетокот на работата на системите веќе неколку пати се одложува, но последните најави се дека во 2025 година конечно ќе профункционираат.

Системот Влез/Излез ЕЕС 

Првиот е ткн. ЕЕС (Entry/Exit System), Системот за влез/излез кој е автоматизиран ИТ систем за регистрирање на државјани кои не се членки на ЕУ кои патуваат на краток престој, секој пат кога ќе ги преминат надворешните граници на која било од земјите-членки на ЕУ, како и во Швајцарија и Исланд. Од системот, на почетокот ќе бидат исклучени Кипар и Ирска. Овие две земји ќе продолжат со досегашната пракса на мануелно ставање печат во пасошите на патниците.

Под „краток престој“ се подразбира престој до 90 дена во кој било период од 180 дена. Овој период се пресметува како единствен период за сите европски земји кои користат ЕЕС.

Системот нема да важи за лицата кои имаат дозволи за престој во земјите-членки на ЕУ, како и за оние со регулирани визи. За сите останати ќе важи, а единствената разлика ќе биде тоа што нивниот престој ќе се евидентира електронски, наместо како досега мануелно. 

Според соопштението на Европската комисија, шест месеци откако ќе почне да функционира ЕЕС, ќе се воведе и системот наречен ETIAS, кратенка за Европски систем за информации и овластување за патување (European Travel Information and Authorisation System).  

Историјата на пасошот

Системот ETIAS  


Системот ETIAS е резултат на желбата на ЕУ да ја зајакне својата гранична безбедност, но и дигитално да ги прикажува и следи патниците кои влегуваат и излегуваат од земјите на ЕУ. Овој систем ќе важи за сите патници кои доаѓаат надвор од ЕУ и Шенген просторот и, за разлика од ЕЕС, ќе биде малку покомплициран во смисла на обврските на патниците.

Системот ќе ги проверува безбедносните податоци и ќе наплатува надомест за патниците кои ги посетуваат земјите-членки на ЕУ за бизнис, туристички, медицински или транзитни цели. Во иднина, за влезе во земјите на ЕУ патниците ќе мора претходно да се регистрираат и да платат еднократен надомест.

Патување Куфери
Со новиот систем на ЕУ, патниците ќе мора да го пријавуваат своето патување во земјите од Шенген зонатаФотографија: blueximages/Shotshop/picture alliance

Процедурата за регистрација ќе биде онлајн на интернет страницата на ETIAS или на мобилна апликација, и ќе можат да се пријават сите кои поседуваат биометриски пасош. Најпрво пополнувате апликација во која се наведуваат следните информации:

Лични информации вклучувајќи ги вашето име(и), презиме, датум и место на раѓање, националност, домашна адреса, имиња на родители, адреса на е-пошта и телефонски број;

Детали за патниот документ;

Детали за вашето ниво на образование и моментално занимање;

Детали за планираното патување и престој во која било од земјите за кои е потребен ETIAS;

Детали за какви било кривични пресуди, какви било минати патувања во воени или конфликтни зони и дали неодамна сте биле предмет на одлука со која се бара да ја напуштите територијата на која било земја.

Доколку некој ја поднесува апликацијата во ваше име, тоа лице ќе мора да го даде своето презиме, име, и податоци за контакт на организацијата или фирмата (ако е применливо), како и информации за нивната врска со вас и потврда дека ова лице и вие сте ја потпишале изјавата за застапување.

На крајот ќе треба да платите надомест од 7 евра, исто така онлајн. Од плаќање на надоместокот се ослободени лица под 18 и над 70 години возраст, како и членови на семејство на државјани на ЕУ или на лица кои имаат регулиран престој во ЕУ.

Процесот на одобрување може да трае околу 20 минути, но доколку се јави проблем може да се оддолжи и до 30 дена. Известување за успешноста на апликацијата добивате преку вашата имејл адреса.