1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасниот ТикТок предизвик - аларм за родителите!

6 декември 2024

Дали децата праќаат сигнали дека им треба внимание, штом решиле да го привлечат на поинаков начин, дури и по цена на нивната безбедност?

https://p.dw.com/p/4npEr
Десетици македонски ученици завршија во болници како жртви на ТикТок предизвикот „Супермен“.
Десетици македонски ученици завршија во болници како жртви на ТикТок предизвикот „Супермен“.Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Додека во едно училиште се бојкотира наставата и родители се окупирани со случајот - ќе се најде ли друго училиште за 8-годишен ученик „со историја на насилство“, десетици ненасилни ученици завршуваат во болници како жртви на ТикТок предизвикот „Супермен“.

Во последните четири дена, само на Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски" биле примени 11 ученици со повреди како последица на опасниот предизвик. Најчесто имаат набиеници, а во некои случаи и скршеници на рацете. Станува збор за средношколци, но и во други здравствени установи биле пријавени слични повреди на ученици од повисоките одделенија во основите училишта (осмо и деветто).

Начинот на кој се изведува предзивикот во старт укажува дека лицето поверојатно ќе се повреди, отколку да помине неповредено. Како изгледа тоа? Двајца или четворица ученици фатени за раце создаваат „подлога", при што ученикот треба да скокне врз нивните испружени раце. Потоа тие го отфрлаат нагоре, и тој би требало да „летне“, па на крајот да се спушти и да застане на нозе. Но, обидите најчесто завршуваат со опасно паѓање, при што најчесто страдаат горните или долните екстремитети.

ТикТок ужива голема популарност особено кај децата и младите, а опасните предизвици на социјалната мрежа се секојдневие
ТикТок ужива голема популарност особено кај децата и младите, а опасните предизвици на социјалната мрежа се секојдневиеФотографија: Disobeyartphotograph/Dreamstime/IMAGO

Да привлечат внимание....

Во некои случаи родители не сакале да се знае дека причина за набиеници или скршеници на екстремитетите е ТикТок предизивик, па зборувале дека детето се сопнало на скали, се лизнало на плочник влажен од дождот, и други образложанија. Имало и ученици кои на родителите им ја премолчеле вистинската причина за повредата, а ја признале пред лекарите. 

Видеа што кружат од изведувањето на предизвикот, откриваат дека „Супермен челинџ“ станал тренд меѓу македонските ученици, откако една недела претходно и од земји во регионот стигна аларм за повредени ученици како последица на тој предзивик.

Според психолози, ваквите случаи укажуваат на отсуство на родителско внимание врз начинот на кој децата го поминуваат денот - дали знаат што им се случува, со што се окупирани, односно, дали на ваков начин праќаат сигнали дека им треба внимание, штом решиле да го привлечат дури и по цена на нивната безбедност, заради поголема видливост или популарност.

Зошто ТикТок ги прави младите зависни?

Предупредуваат дека ова не смее да се потцени, со оглед колку други опасни предизвици се случуваат, за што сведочат и случаи во регионот. Еден од опасните предизвици е исчезнување на 72 часа, кршење на черепот (scull-breaker challenge), претрчување преку автопат, снимање видео или селфи на опасно место...

Таков беше случајот лани во февруари, кога почина 14-годишно девојче кај железничката станица во скопската населба Илинден. Девојчето, кое со уште две другарки играло околу паркираните вагони, во еден момент се качило на еден од вагоните за да снима видео за ТикТок, на место полно со високо напонски жици, при што настрада од струен удар.

До задушување

Додека дел од предизвиците може да бидат креативни, забавни и безопасни, други се спротивни од тоа и крајно опасни за животот на ученици кои ја користат таа социјална платформа. За еден од поопасните се смета задушувањето - „блекаут предизвикот," кој од учесникот бара задржување на здивот сѐ додека тој не изгуби свест. Други во меѓувреме го снимаат и го придржуваат да не падне, а откако ќе се онесвести полека го спуштаат на подот и му помагаат да се освести. Најчесто со шлаканици.

Средношколец од училиштето „Михајло Пупин“ вчера завршил во болница, откако за време на „игра“ на големиот одмор паднал и се онесвестил. Но, станувало збор за последица од „Супермен челинџ“.

Што може да се стори за да се намали изложеноста на децата и на младите на ризичните предизвици од ТикТок?
Што може да се стори за да се намали изложеноста на децата и на младите на ризичните предизвици од ТикТок?Фотографија: Dan Kitwood/Getty Images

Во билтенот на МВР е пријавен случај од трети декември кога по завршување на часовите, во близина на основното училиште во село Зелениково, скопско, осумгодишен ученик се здобил со тешка телесна повреда при игра со соучениците. Од полицијата соопштија дека се работи на расчистување на случајот.    

Правила за користење

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во ноември годинава изјави дека е можно земјата да донесе „радикална одлука“ за целосна забрана на ТикТок и Снепчет, по убиството на 14-годишен ученик од основно училиште од друг ученик, откако расправијата на учениците започнала на социјалните мрежи.

Во некои земји веќе го ограничуваат пристапот до одредени социјални мрежи за деца под 16 години. Во земјава тоа прашање е често акцентирано, но според експерти, и за спроведување на такво ограничување се потребни инвестиции во технолошката инфраструктура, а ни тоа не ги исклучува целосно можностите да се заобиколи ограничувањето. 

Во некои земји веќе го ограничуваат пристапот до одредени социјални мрежи за деца под 16 години а има и целосни забрани за ТикТок
Во некои земји веќе го ограничуваат пристапот до одредени социјални мрежи за деца под 16 години а има и целосни забрани за ТикТокФотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/picture alliance

Останува присутен и ризикот дека ускратувањето на една, може да резултира со „производство“ на друга социјална платформа, не помалку различна. Засега дискусиите се вртат околу засилени заложби користењето на социјалните мрежи да биде ставено под контрола, прво родителска, а потоа и институционална - да се зајакнат правилата за користење на социјалните медиуми од страна на децата, да се зголеми безбедноста во училиштата, да се зголеми едукацијата за сајбер безбедност и да се водат повеќе разговори со учениците на тие теми.