1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуммина под истрага за злоупотреби во Државна Лотарија

ДТЗ
16 декември 2024

Истрагата е насочена против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, другиот е вицепремиер, потоа против директор на правно лице и поранешен генерален секретар, вели Панче Тошковски

https://p.dw.com/p/4oC8J
Панче Тошковски Македонија
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција. 16.12.2024Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поранешен премиер и вицепремиер се дел од поголема истрага којашто се води за злоупотреби во Државната Лотарија. Со истрагата се опфатени уште шестмина, од кои двајца не се достапни за истражните органи. Едниот од нив е поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој во неделата порача дека е на пат во Косово и наскоро ќе се врати дома. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прес-конференција го повика Груби „ако е чист како солза“ да се врати во земјата, ветувајќи му правда и лична безбедност, а дека постапката ќе биде согласно законите. 

„Десет минути пред да пристигне полицијата тој добил информација и побегнал. Тоа е катастрофално и за тоа мора некој да одговара“, рече Тошковски. 

Дел од медиумите објавија дека пријава била поднесена и за поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Тошковски не го посочи директно, но рече: „Постапивме по кривична пријава добиена на 13 декември од Одделот за организиран криминал, а којашто е поднесена против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, другиот е вицепремиер, против директор на правно лице и поранешен генерален секретар“. 

Со полициската истрага, според првиот човек на МВР, Панче Тошковски се опфатени вкупно осум лица, а двајца од нив се недостапни за истражните органи. Покрај Груби, надвор од земјата е и поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами. 

За разлика од МВР, Обвинителството информираше дека засега со истражните постапки се опфатени шестмина. Поранешниот премиер и генерален секретар на владата засега не се водат како осомничени од ЈО.  

Панче Тошковски
Истрагата е насочена против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, другиот е вицепремиер, потоа против директор на правно лице и поранешен генерален секретар, вели Панче ТошковскиФотографија: Petr Stojanovski

Повеќе претреси на повеќе локации

Тошковски на прес-конференција информираше дека полицијата извршила голем број претреси и проверки на повеќе локации во Скопје и Куманово поради индиции за злоупотреби во Државна Лотарија, кои се проценуваат на над 501 милиони денари. Истражните органи тропнаа на вратата на поранешниотвицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами, но и двајцата не ги најде дома. Отворена е истрага против неколкумина поради проневера во службата и злоупотреба на службена положба и овластување 

„Постапено е по кривична пријава добиена на 13 декември од Оделот за организиран криминал, а којашто е поднесена против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, другиот е вицепремиер, против директор на правно лице и поранешен генерален секретар“, вели Тошковски.

Според него, тие сториле повеќе кривични дела коишто довеле до поголема штета на буџетот на македонските граѓани. „При претресите кај еден од осомничените се пронајдени парични средства од околу 40 илјади евра, кај друг - 20 илјади евра“, вели Тошковски.

Штета од над 501 милиони денари

Во врска со случајот, соопштение испрати и Обвинителството на Северна Македонија. Според нив, првоосомничениот е претседател на Управниот одбор – генерален директор на Државна лотарија, додека второосомничениот е ексвицепремиерот Артан Груби кој презел дејствија во својство на одговорно лице, како претседавач со седница на Влада, одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија. Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.

Според Обвинителството, тие како одговорни лица во Државна лотарија, во текот на 2023 година, направиле штета од над 501 милиони денари од буџетот на акционерското друштво.

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција потврди дека полицијата спроведува неколку „робусни“ акции, коишто беа најавени неодамна. 

„Верувајте многу од случаите од минатото ќе бидат откриени и обелоденети. Исто така од оние информации кои располагам, знам дека постојат основани сомневања за криминал во Државна Лотарија од поедини поранешни високи функционери“, рече Мицкоски.

 Артан Груби
Претреси поради злоупотреби во Државна Лотарија, МВР влезе во домот на Артан ГрубиФотографија: DW/P. Stojanovski

Груби: „Кога ќе ги завршам обврските ќе се вратам дома“

Поранешниот вицепремиер Груби, кој неодамна беше ставен на „црната листа“ на САД поради наводи за значителна корупција, на Фејсбук објави дека е надвор од земјата во приватна посета. 

„Денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување“,порача Груби на Фејсбук. Тој додава и дека веднаш штом ќе ги заврши обврските за кои отпатувал ќе се врати дома.

Постојат сомнежи дека Бајрами уште од пред неколку месеци се наоѓа во Косово. При претресот во домот на Бајрами, полицијата нашла и запленила готовина од околу 50 илјади швајцарски франци.

На брифинг со новинарите, обвинителите неодамна информираа дека различни обвинители постапуваат по три известувања добиени од Финансиската полиција и МВР поврзани со сомнежи за криминал во Државната лотарија. Оформени се неколку предмети поврзани за кои беше посочено дека има огромна документација.

Агелер: „Не бев изненадена, бев задоволна“

Стејт департментот на САД на 9 декември го поранешниот вицепремиер, Артан Груби на црната листа поради нивна вмешаност во значителна корупција. Американската амбасадорка, Анџела Агелер, во интервју за Слободен печат вели дека воопшто не била изненадена од неодамнешната одлука Артан Груби да биде ставен на црната листа на САД и дека е многу задоволна од одлуката.

„Моја претпоставка е дека веројатно никој во оваа земја, меѓу граѓаните, во судството… не бил изненаден кога го видел неговото име на листата. Една од работите што е факт е кога САД објавиле назначување на некој поединец, а истото важи и за судијата Беџети, никој не вели, боже, не ми се верува. Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран. И јас, и вие знаете, искрено, дека ова е нешто за кое тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Поминаа многу, многу месеци. Така што воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна. Бев многу задоволна и што Вашингтон можеше да го објави соопштението на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, на 9 декември. Значи, не бев изненадена. Бев задоволна“, вели Агелер.