Поради неплатени сметки, илјадници Германци без струја
20 декември 2024Во 2023 година струјата за германските домаќинства била исклучена повеќе од 200.000 пати - поради неподмирени сметки. Ова произлегува од одговорот на Министерството за економија на барање на партијата Левица. Прекини имало и на снабдувањето со гас и тоа повеќе од 28.000 пати.
Левица бара забрана за прекин на снабдувањето со струја и гас
Високите цени на струјата и гасот се огромен товар за многу луѓе, критикува пратеничката од Левица одговорна за домување, Карен Леј. „Неодамна се дозна дека секое дванаесетто домаќинство во Германија не може да го загрее станот соодветно“, изјави таа.
Фактот дека сѐ повеќе луѓе треба да избираат помеѓу топол стан и полн стомак не е „ништо помалку од скандал во една од најбогатите земји во светот“, вели Леј. Партијата затоа бара забрана за прекин на снабдувањето со струја и гас.
Гасот бил исклучуван значително почесто отколку во 2022 година
Мрежните оператори пријавиле 204.441 прекини на струја за 2023 година - околу 4.000 помалку од претходната година. Во исто време, бројот на пријавени прекини на гас се зголеми од 22.987 во 2022 година на 28.059 минатата година.
Многу основни снабдувачи ќе ги намалат цените на струјата во 2025 година
Многу основни снабдувачи најавија дека ќе ги намалат цените на струјата за 2025 година. Според анализата на порталот за споредба Веривокс, од тоа би можеле да имаат корист околу 1,8 милиони клиенти.
Поинаква е ситуацијата кога станува збор за снабдувањето со природен гас: Според Веривокс, цените ќе пораснат за многу добавувачи, иако во исто време има и добавувачи кои ги намалуваат цените. Порталот им препорачува на потрошувачите да ја проверат својата тарифа и да побараат алтернативи.