1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антонио Кошта: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ

ДТЗ
4 декември 2024

Владата останува фокусирана на реформите, подготвени сме да разговараме, но ултиматуми не прифаќаме, порача премиерот Христијан Мицкоски по вечерата со лидерите од Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/4nimm
Европски совет и лидери на Западен Балкан
Порака од Европскиот совет: Иднината на Западен Балкан е во ЕУФотографија: EU press office

Иднината на Западен Балкан е во ЕУ и треба да се работи тоа да се постигне. Ова е пораката којашто ја испрати новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, на вечерата со лидерите на Западен Балкан во Брисел, а на која што присуствуваше и комесарката за проширување на Унијата, Марта Кос.

„Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Ајде да работиме за да го оствариме тоа. Ова е пораката што ја испратив, заедно со Каја Калас и Марта Кос на денешната вечера со лидерите на Западен Балкан“, објави Кошта на мрежата Икс. 

Нов замав во односите со регионот

На вечерата со Кошта присуствуваа македонскиот премиер Христијан Мицкоски и колегите од Албанија и од Косово, Еди Рама и Албин Курти, членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, како и претседателите на Црна Гора и на Србија, Јаков Милатовиќ и Александар Вучиќ.

Антонио Кошта
„Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Ајде да работиме за да го оствариме тоа“, порача Антонио КоштаФотографија: Wiktor Dabkowski/picture alliance

Целта на неформалната вечера, како што беше најавено, била претседателот на Европскиот совет да се сретне со лидерите од земјите на Западен Балкан на почетокот на неговиот мандат, затоа што планира „да даде нов замав на односите со регионот“.

Кошта имаше и одвоена средба со Мицкоски, на која станало збор за процесот на пристапување на земјава кон ЕУ.  „Пријателската средба ја искористив за лобирање и претставување на позициите на Македонија во однос на европските интеграции и можноста за нивното забрзување“, објави Мицкоски на Фејсбук. 

Претходно во Брисел, Мицкоски се сретна и со новата еврокомесарка за проширување Марта Кос со која разговарал за „стратешките интереси на Македонија во однос на проширувањето на ЕУ и подготвеноста на државата да успее на патот кон Европската Унија“. „Ние сме подготвени да разговараме за се што ќе биде принципиелно и во полза на нашата држава и во интерес на сите граѓани“, вели Мицкоски.

„Подготвени сме да разговараме, но ултиматуми не прифаќаме“

Мицкоски во видеобраќање од Брисел информираше за ставовите коишто ги соопштил на средбата со лидерите од Западен Балкан. 

Премиерот вели дека  во средбите коишто ги остварил потенцирал дека македонската Влада останува фокусирана на реформи, обезбедување подобри услови за живот на македонските граѓани, но главна цел останува полноправно членство во рамките на ЕУ.

„Остварив две билатерални средби во исклучително пријателска атмосфера кадешто разговаравме за се што ние го имавме поминато во минатото. Но, ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, дека сме подготвени да разговараме онолку колку што е потребно за да најдеме начин како да го отвориме првиот кластер, брзо да го поминеме тој процес на преговори и да станеме земја членка во ЕУ“, вели Мицкоски и додава: „Остануваме посветени на обезбедување подобар живот за нашите граѓани, а како дел од таа агенда е и нашата целосна инспирација да бидеме дел од европското семејство“.

Вечерата со лидерите од регионот е увертира пред самитот ЕУ-Западен Балкан којшто треба да се одржи на 18 декември во Брисел.