1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Славје во Газа, воздржаност во Израел

Тагесшау | БЈ
16 јануари 2025

Луѓето во Појасот Газа слават по објавувањето на веста за прекинот на огнот, додека во Израел владее воздржаност. Во САД, и Бајден и Трамп си го припишуваат прекинот на огнот како своја заслуга.

https://p.dw.com/p/4pC8G
Појас Газа 2025 | Луѓето во Појасот Газа слават по објавувањето на веста за прекинот на огнот
Луѓето во Појасот Газа слават по објавувањето на веста за прекинот на огнотФотографија: Youssef Alzanoun/Middle East Images/IMAGO

Во Појасот Газа луѓето избувна радост по првата најава за прекин на огнот. Според очевидци, десетици илјади луѓе излегле на улиците да слават уште пред официјалната потврда на договорот. Слики споделувани на палестинските и социјалните мрежи покажуваат луѓе што пеат и танцуваат. Прослави имаше и во Либан, каде што живеат многу палестински бегалци.

Исламистичката организација Хамас договорот го прослави како достигнување за Палестинците. „Договорот за прекин на огнот е резултат на легендарната отпорност на нашиот голем палестински народ и нашиот храбар отпор во Појасот Газа што трае повеќе од 15 месеци“, соопштија од организацијата. Тој „исто така е потврда дека окупацијата не постигна ниту една од своите цели“, рече претставникот на Хамас, Сами Абу Сухри, посочувајќи го Израел. Преговарачот на Хамас, Халил ал-Хаија рече: „Во името на сите жртви, секоја пролеана капка крв и секоја солза поради болката и угнетувањето, велиме дека нема да заборавиме и нема да простиме“.

Воздржаност меѓу роднините на заложниците

Роднините на израелските заложници во Газа со измешани чувства ја поздравија можноста за ослободување на 33-ца од киднапираните. „За мене не е готово додека не заврши“, рече во центарот на Тел Авив, Џими Милер, братучед на заложникот Шири Бибас. Плоштадот вечерта беше невообичаено празен, никој не изгледаше како расположен за прослава. „Не верувам додека не ги видам нашите заложници од Појасот Газа како ја преминуваат границата кон Израел“, изјави Милер за новинската агенција ДПА.

Ифат Калдерон, братучетка на киднапираниот Одер Калдерон, рече дека има измешани чувства - од една страна радост, од друга страна „страшен стрес“ поради стравот дека ослободувањето би можело да не успее.

Израел Тел Авив 2025 | Роднини на израелските заложници во Газа бараат нивно ослободување
Роднините на израелските заложници во Газа со измешани чувства ја поздравија можноста за ослободување на 33-ца од киднапиранитеФотографија: Jack Guez/AFP

Сè уште нема официјална изјава од Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе даде соопштение за прекинот на огнот во Појасот Газа откако ќе бидат финално разјаснети сите детали. Актуелно се разработуваат последните поединости од договорот, соопштија од кабинетот на премиерот. Тој нема да излезе со официјален став сѐ додека „не се утврдат последните детали од договорот, на кои во моментов се работи“.

Извори од израелската влада велат дека деталите се однесуваат на списокот на Палестинци кои треба да бидат ослободени. Израелскиот претседател Ицак Херцог побара од кабинетот за безбедност и од владата на неговата земја да го одобрат договорот за прекин на огнот со Хамас. Израелските граѓани мора да бидат вратени „за да може дома да се опорават или да бидат погребани“. Херцог рече и дека договорот „ќе донесе длабоко болни, предизвикувачки и ужасни моменти“.

Нетанјаху со благодарност до Бајден и Трамп

Нетанјаху им се заблагодари на американскиот претседател во заминување Џо Бајден и на идниот американски претседател Доналд Трамп за нивната помош во постигнувањето на договорот за „ослободување на заложниците“. Нетанјаху „разговараше со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и му се заблагодари за помошта во напредокот за ослободувањето на заложниците“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху. Нетанјаху разговарал и со претседателот во заминување Џо Бајден за да му се „заблагодари за помошта во постигнување на договорот за ослободување на заложниците“, се вели во соопштението.

И Трамп и Бајден се китат со заслуги

И Бајден и Трамп го прикажаа договорот како свој успех. Бајден во својот говор истакна дека договорот веќе бил исцртан во предлог што тој го изнел минатиот мај. Неговите дипломатски напори за постигнување договор никогаш не замреле, посочи тој.

Џо Бајден | Доналд Трамп
И Бајден и Трамп го прикажаа договорот како свој успехФотографија: Alex Brandon/dpa/picture alliance

Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social напиша: „Овој епски договор за прекин на огнот можеше да се случи само како резултат на нашата историска победа во ноември, која му сигнализираше на целиот свет дека мојата влада ќе се стреми кон мир и договори кои ќе обезбедат безбедност на сите Американци и на нашите сојузници“.

Во време на владеењето на Бајден, САД со месеци се мачеа да постигнат прекин на огнот во Појасот Газа и постојано беа на чекор до него. Трамп, пак, се закани дека Хамас горко ќе зажали ако не се постигне договор до неговата инаугурација следниот понеделник.

Шолц: Шанса за траен крај на војната

Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека договорот за прекин на огнот претставува шанса за конечен крај на војната. „Добро е што се чини дека е постигнат договор за прекин на огнот и ослободувањето на заложниците - вклучително и германските! Сега договорот мора доследно да се спроведува“, напиша Шолц на платформата Х. „Примирјето нуди шанса за траен крај на војната и подобрување на лошата хуманитарна ситуација во Појасот Газа. Ќе се залагаме и натаму за тоа“, додава Шолц во објавата.

ЕУ и ОН го поздравуваат договорот

Со олеснување реагираше и Европската комисија. „Заложниците може повторно да се спојат со нивните семејства и хуманитарната помош може да стигне до цивилите во Појасот Газа“, објави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен на платформата X. Тоа носи „надеж за целиот регион, каде што луѓето предолго трпеа неизмерно страдање.“ Двете страни целосно ќе треба да го спроведат договорот, кој го отвора патот за „долгорочна стабилност во регионот и дипломатско решение на конфликтот“, пишува таа.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, вели дека сега е приоритет да се намали неизмерното страдање на луѓето во Појасот Газа. ОН, според него, се на располагање да го поддржат договорот.

Барањата од државите во регионот

Саудиска Арабија го поздрави договорот за прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас и повика на прекин на „израелската агресија“ во Појасот Газа. „Кралството ја нагласува потребата да се почитува договорот и да се стави крај на израелската агресија врз Појасот Газа“, соопштија од тамошното Министерство за надворешни работи. Тие повикуваат на „целосно повлекување на израелските окупаторски сили“ од Појасот Газа „и сите други палестински и арапски територии и враќање на раселените лица во нивните области“.

Според турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, договорот е важен чекор за стабилноста во целиот регион. Турција ќе продолжи да работи за решение со две држави на деценискиот конфликт, рече тој.

Прекин на огнот почнувајќи од недела

По повеќе од 15 месеци жестоки борби, Израел и милитантната исламистичка организација Хамас, според посредникот Катар, се договорија за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците од рацете на палестинските екстремисти.

Прекинот на огнот треба да започне во недела, 19 јануари, и првично треба да трае шест недели. Во тоа време постепено треба да бидат ослободени 33-ца заложници кои сѐ уште се во рацете на екстремистите во Појасот Газа. Во замена за нив треба да бидат ослободени стотици палестински затвореници од Израел.