Репортери без граници: Во 2024-та убиени над 50 новинари
12 декември 2024Оваа година, според организацијата „Репортери без граници“ (РСФ), ширум светот се убиени 54 новинари. Израелската армија е одговорна за една третина од смртните случаи, произлегува од новиот годишен извештај на организацијата. Според извештајот, до 1 декември годинава од израелските сили биле убиени 16 новинари во Појасот Газа и двајца новинари во Либан.
Палестинските територии се „најопасната“ територија за новинарите. Организацијата веќе поднела четири тужби до Меѓународниот кривичен суд (МКС) во кои се наведени „воени злосторства извршени од израелската армија против новинари“. Според РСФ, „повеќе од 145“ новинари се убиени од израелските сили од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Израел негира дека намерно убивал претставници на медиумите, но признава дека некои можеби загинале во воздушни напади. Владата не ги прифаќа бројките и се сомнева во нивната точност, изјави во средата портпаролот Давид Мерсер.
Според „Репортери без граници“, најопасните места во светот за новинарите се Пакистан со седум смртни случаи оваа година и Бангладеш и Мексико со по пет смртни случаи. Според извештајот, вкупниот број на случаи е зголемен во однос на истиот период минатата година: во 2023 година, бројот на убиени новинари бил 45.
Според годишниот извештај, оваа година ширум светот се затворени 550 новинари, од кои повеќето во Кина, Мјанмар, Белорусија и Израел. Во моментов како заложници се држат 55 претставници на медиумите, а 95 новинари се водат како исчезнати.
РСФ позитивно ја оценува размената на затвореници меѓу Русија, Германија и САД, преку која беа ослободени двајцата медиумски работници Еван Гершкович и Алсу Курмашева, кои беа затворени во Русија, како и ослободувањето на Џулијан Асанж.
Од 1995 година, Репортери без граници објавува годишен извештај за слободата на печатот, во кој се документирани најсериозните напади врз медиумските работници и слободата на печатот. Вклучени се само оние случаи што организацијата можела да ги потврди, поради што реалните бројки може да варираат.