САД: Декриминализација на поседувањето марихуана
7 октомври 2022Американскиот претседател Џо Бајден иницираше промена во федералната политика за марихуана, која води кон декриминализација на поседувањето на канабис за лична употреба. Со извршна наредба тој ги помилува сите Американци кои се осудени на национално ниво за поседување мало количество марихуана.
Набљудувачите проценуваат дека полза ќе имаат околу 6.500 луѓе со федерални осуди само за поседување марихуана.
Во моментов никој не се наоѓа во сојузниот затвор само поради поседување марихуана, а поголемиот број осуди се случуваат на ниво на сојузните држави.
Сојузните помилувања ќе им олеснат на лицата кои се осудени да се вработат, да најдат станови и да се образуваат, рече Бајден.
Како претседателски кандидат, Бајден вети дека ќе ја декриминализира употребата на канабис и пресудите ќе бидат избришани.
„Испраќањето на луѓето во затвор поради поседување марихуана промени премногу животи и затвори луѓе поради однесување кое многу држави веќе не го забрануваат“, рече Бајден, додавајќи дека статистички е многу поголема веројатноста луѓето кои не се белци да бидат затворени поради канабис.
Тој, исто така, ги повика гувернерите на сојузните држави да го следат потегот. Претседателот им нареди на федералните агенции да ја преиспитаат класификацијата на марихуаната како тешка дрога. Во моментов канабисот на федерално ниво во САД е во истата класа на тешки дроги како хероинот и опасната синтетичка дрога фентанил.