САД: Сајбер напад со кинеска поддршка
31 декември 2024Американското Министерство за финансии соопшти дека било цел на сајбер напад поддржан од Кина. При сајбер нападот било навлезено во неколку работни места на Министерството за финансии, се вели во соопштението на Министерството до американскиот Конгрес.
Според портпаролот на Министерството, напаѓачите на почетокот на декември добиле пристап до компјутерите на Министерството за финансии и некои документи преку надворешен давател на безбедносни услуги. Сепак, документите не биле класифицирани со ниво на тајност, соопшти Министерството за финансии, кое за инцидентот било информирано од неговиот провајдер BeyondTrus, по што била воспоставена соработка со безбедносните власти за да се процени обемот на нападот.
Услугите за сајбер безбедност кои биле цел на напаѓачите се исклучени. Сепак, станува збор за „сериозен инцидент за ИТ безбедноста", иако нема „индиции“ дека напаѓачот имал дополнителен пристап до ИТ системи или информации од Министерството за финансии, се вели во соопштението. Министерството за финансии не даде дополнителни информации за тоа која област на ресорот е засегната, најавувајќи дополнителни информации во следните 30 дена.
Во своето писмо до Банкарскиот комитет на Сенатот на САД, Министерството го опишува инцидентот како предизвикан од актер поддржан од кинеската држава. Овој актер е одговорен за сериозни сајбер напади во категоријата АПТ (Advanced Persistent Threat).
Во март, САД, Велика Британија и Нов Зеланд ја обвинија Кина за серија сајбер напади врз државни институции во последните години. Во февруари, американските власти објавија дека спречиле сајбер напад поддржан од Кина врз важна инфраструктура, вклучувајќи комуникации, енергија и снабдување со вода.
Уште во мај 2023 година, САД и другите западни сојузници го обвинија Пекинг дека ја користи хакерската група „Волт Тајфун“ спонзорирана од државата за да се инфилтрира во важна инфраструктура во САД. Кина постојано ги отфрлаше обвинувањата.