1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје: Препораки како рационално да се користи водата

ДТЗ
20 декември 2024

Институтот за јавно здравје ги советува граѓаните да складираат вода и да ја користат само за основни потреби, по најавата за прекин во снабдувањето поради санација на дефект во Скопје. Еве ги нивните препораки.

https://p.dw.com/p/4oPIc
Македонија Скопје Вода
Дефект ќе го остави Скопје без вода. ИЈЗ со препораки како рационално да се користи водатаФотографија: Petr Stojanovski 

Жителите на главниот град Скопје ќе останат „жедни“ среде зима поради санација на дефект. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) советува да се складира најмалку четири литри вода по лице на ден, водата да се користи само за основни потреби како пиење, готвење и лична хигиена, да се користат средства за дезинфекција на раце ако нема достапна вода, да се готват оброци кои не бараат многу вода за подготовка и миење и слично.

Граѓаните деновиве поитаа да се снабдат со флаширана вода, па тубите од пет литри се трошат веднаш откако ќе бидат поставени на рафтовите. 

Во Скопје има 271 илјада регистрирани домаќинства и над 10 илјади правни лица коишто се потрошувачи на вода.  

Без вода до санирање на дефектот 

Поголемиот дел од Скопје по 22 часот ќе остане без вода поради санација на главниот цевковод. Прекинот, како што најави ЈП „Водовод и канализација“ ќе трае сѐ до санирање на дефектот.

Институтот за јавно здравје на Македонија (ИЈЗ) издаде препораки за граѓаните во врска со најавениот недостиг на вода во наредниот период во Скопје. Покрај совети како рационално да се користи водата, се порачува дека треба да се обезбеди бебињата, старите лица и лицата со здравствени проблеми да имаат доволно резерви на вода. „Споделувајте вода со соседите доколку тие имаат потреба и проверете ги ранливите лица во вашата заедница“, велат од ИЈЗ. 

вода
Граѓаните деновиве поитаа да се снабдат со флаширана водаФотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/K.-J. Hildenbrand

Препораки да се складира доволно вода 

Препораки се издадени и до здравствените установи да складираат доволно вода во болниците и клиниките за основните потреби на пациентите и персоналот. „Набавете дополнителни резерви на флаширана вода. Користете стерилни влажни марамчиња за чистење на раце и опрема. Користете средство за дезинфекција за раце и за чистење на површини“, се вели во препораките. 

Поради прекинот на вода, мерки ќе треба да преземат и рестораните и кафулињата, со цел да продолжат со работата и да ги задоволат хигиенските и здравствените стандарди. 

„Осигурајте доволна количина на флаширана вода за пиење, готвење и подготовка на пијалоци. Наполнете резервоари, канистери или кофи со вода за миење садови, раце и површини. Направете доволна количина мраз или набавете готов мраз“, советуваат од ИЈЗ. 

Тие ќе треба да приготвуваат алтернативни оброци и пијалоци кои можат да се подготват со минимално количество вода, но и да обезбедат доволно средства за дезинфекција на раце, марамчиња за суво чистење и санитарни раствори за чистење површини. 

Македонија Скопје
Дефектот е откриен на водоводна цевка во скопската населба Карпош 4Фотографија: Petr Stojanovski 

Загуби на вода 

Без вода ќе бидат најголем дел од населбите низ градот, освен Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман. Останатите корисници од Скопје ќе бидат без вода.

За санирање на дефектот ќе биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600. Системската промена на пет децении стари затворачи и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна со цел зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа. 

Аналиците на Центарот за граѓански комуникации покажаа дека Северна Македонија  годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење. Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје - дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 % од целата загубена вода во земјата. Следат Гостивар, Тетово и Кичево. Скоро половина од водните претпријатија работат со финасиска загуба, а кај најголем дел од нив загубата на водата е поголема од 40 проценти.