1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со законски измени повеќе странски работници на коридорите

ДТЗ
13 јануари 2025

Со законски измени се предвидува олеснување на процедурата за ангажирање на странски работници во земјата, особено на оние коишто ќе бидат ангажирани на изградбата на коридорите 8 и 10д

https://p.dw.com/p/4p6m9
коридор
Се менува законот за странци - „Бехтел и Енка“ полесно ќе можат да ангажираат странски работници за коридоритеФотографија: Regierung von Mazedonien

Уште 15 дена има простор за сугестии на ЕНЕР за нацрт-законот за изменување и допопнување на Законот за странци, поднесен од страна на МВР, со цел да се олесни процедурата за ангажирање на странски работници во земјата, а меѓу нив и на оние коишто ќе работат на стратешкиот проект - изградбата на коридорите 8 и 10д. Измените се носат по констатираните неусогласености на постапката за поднесување и одобрување на привремен престој заради работа во земјата. 

Македонското Собрание во јули 2021 година донесе Закон за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите. Но, сложеноста и обемноста на документацијата која е потребна во постапката за поднесување и одобрување на привремен престој на странски работници, досега ја закочуваше целата процедура.

Олеснување на процедурите

МВР смета дека со усвојување на предложениот закон ќе се овозможи во голема мерка усогласување со барањата на стратешките партнери кои се предвидени во одредбите од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридор 10 д, а исто така би се олеснила и би се поедноставила постапката за сите правни лица кои имаат за цел да ангажираат странци како работна сила во Северна Македонија.

Нацрт-законот е објавен на ЕНЕР на 8 јануари годинава и е отворен за дополнувања и сугестии. 

Предлогот за изменување и дополнување на Законот за странци, содржи нормативни решенија за усогласување со Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола) и олеснување на законските услови во однос на постапката за добивање на привремен престој заради работа. 

Измените предвидуваат намалените обврски или критериуми кои странецот треба да ги исполнува за да му се одобри привремен престој во земјата.  Исто така ќе можат да биде ангажиран и работник од странство кој „не е неосудуван и не се води кривична постапка против него во државата во која престојувал во годината пред поднесување на барањето за привремен престој“.

Собранието во мај 2023 година усвои повеќе законски измени со цел да се олесни и забрза работата на стратешкиот партнер за изградба на коридорите 8 и 10д - американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Но, копјата се кршеа околу прекувремена работа на градежниците на автопатите, со оглед на тоа дека Уставниот суд укина една измена на законот со кој работната недела беше утврдена на 60 часа неделно. Договорот со „Бехтел и Енка“ се најде под лупа и на Антикорупциската комисија.