Снегот го расчисти воздухот, но ги блокираше патиштата
13 јануари 2025Снежните наноси во Северна Македонија го прочистија воздухот и ги израдуваа децата, но предизвикаа проблеми и отежнато одвивање на сообраќајот на повеќе патни правци. Завеани патишта, излизгани возила, оштетувања на електричната мрежа и прекини во водоснабдувањето се дел од проблемите со коишто се соочуваат граѓаните изминатите два дена, откако Северна Македонија ја зафати снежен бран. Според најавите на метеоролозите, снег ќе врне и во вторник, по што следува стабилно и студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.
Најмногу снег во изминатото деноноќие наврна на Попова Шапка 64 сантиметри, во Маврови Анови снежната покривка е 57, во Крушево 36, Дебар 34, Штип 32, Демир Капија 31, Тетово 30, Берово 27, Прилеп 20, Охрид 17, Струмица 15, а во Скопје 11 сантиметри.
Снегот го исчисти енормно загадениот воздух во повеќе градови. Скопје, коешто изминатиот период беше на врвот на светската листа на загадени градови, сега се најде на 65. место на листата на IQAir со индекс 57.
Лизгавите патишта - опасност за возачите
Министерството за транспорт и врски информираше дека дежурните екипи на ЈП Македонијапат и во текот на ноќта во континуитет биле на терен и вршеле расчистување на сите државни патишта со цел да ги одржат проодни за сообраќај.
Тие апелираат до сите возачи да ги почитуваат законските одредби за одвивање на сообраќај во зимски услови и задолжително да поседуваат зимска опрема за возилата, внимателно да управуваат со возилата да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, како и да ги почитуваат препораките од сообраќајните служби.
Поради излизгана машина за чистење снег, сообраќајот на регионалниот пат Гевгелија – Богданци претпладнето беше во прекин во двата правци, по што сообраќајот се нормализираше.
Надлежните апелираат до професионалните возачи на тешки товарни возила да се информираат за условите на патиштата и препораките за сообраќај. Од АМСМ информираат дека има активни забрани за движење на тешки товарни возила на неколку патни правци во земјата. Забрана за движење на камиони има на патот Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Струмица – Берово, Пресека, Плетвар, Ѓавато, Струга – граничен премин „Ќафасан“, Делчево – граничен премин „Делчево“, како и на патот Тетово – Попова Шапка, каде за патничките возила е задолжителна употреба на зимска опрема