1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија нуди решение за изградба на тунел од Коридорот 8

ДТЗ
14 јануари 2025

Бугарската влада испратила нацрт-договор до Северна Македонија за изградба на граничниот железнички тунел од Коридорот 8.

https://p.dw.com/p/4p8O2
Коридор 8
Софија испратила предлог до Скопје за изградба на тунел од Коридорот 8Фотографија: Elona Elezi/DW

Бугарија предлага нацрт-договор со Северна Македонија за изградба на граничниот железнички тунел од Коридорот 8. Како што објави бугарската агенција Бгнес, бугарската страна е подготвена што поскоро да ги започне преговорите со Северна Македонија за предложените текстови, а потоа да продолжи со неговото потпишување.

Како што наведуваат тамошните медиуми,бугарската влада испратила до Северна Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел кој ги поврзува двете земји. Предлогот на бугарската држава е двете влади да преземат конкретни и јасни заложби за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен елемент на Коридорот 8, соопштиле за Бгнес од Министерството за транспорт.

Коридор 8
Двете земји треба да се договорат која од нив ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на градбаФотографија: Elona Elezi/DW

Што очекува Софија?

Очекувањата на Софија се дека со потпишувањето на документот подготвен од Министерството за транспорт и врски ќе се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот, што треба да биде во согласност со европското и националното законодавство на двете земји. 

Двете земји треба да се договорат кој од нив ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на градба. Планирано е управителите на железницата на Бугарија и Северна Македонија да создадат заеднички работни групи за да ја подготват потребната документација за тендерските постапки.

Во рок од три месеци од стапувањето во сила на договорот, Бугарија и Северна Македонија треба да подготват и да испратат до Европската комисија и финансиските институции заеднички распоред за реализација на изградбата. „Двете страни ќе вложат максимални напори да обезбедат грант помош за изградба на објектот и неговата соседна железничка инфраструктура, во согласност со барањата на ЕУ и НАТО во однос на стандардите на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T)“, се наведува во нацрт-договорот. 

Со дијалог до решение

Изградбата на Коридорот 8 претходно беше доведена во прашање, откако од новата македонска Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од него. Образложението беше дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир, „завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија пак уверуваа дека работат на проектот и оти тој е вклучен за реализација во тековниот програмски период на Програмата „Транспортно поврзување“ 2021-2027 и дека треба да биде завршен до 2030 година. Од бугарското Министерство за транспорт посочуваа и дека приоритетно се разработуваат проектите за делот од станицата Гуешево до влезот на трансграничниот тунел Деве Баир.

Во октомври минатата година беше објавено дека железничкиот коридор 8 според регулативата TEN-T ќе продолжи да се гради со помош на финанските институции ЕИБ и ЕБОР и Секретаријатот на транспортната заедница. Македонија и Бугарија се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за коридорот 8.

Македонското Министерство за транспорт и врски во повеќе наврати информираше дека не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но дека не може да прифати реализација на проект што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесност од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко поврзување.

„Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји, и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа. Мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија сѐ со цел во исто време да се гради пругата, во духот на добрососедството. Исто така мора да се ревидира и цената, бидејќи сметаме дека е превисока“, порачаа од македонската страна во октомври минатата година.