1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Тажен Божик во Витлеем

АРД
25 декември 2024

Витлеем на Западниот Брег живее од божиќниот туризам. Но, поради војната, туристи нема веќе втора година. Жителите очајуваат поради економските последици - и загрижени се за роднините во Газа.

https://p.dw.com/p/4oXsb
Витлеем | плоштад Мангер
Плоштадот Мангер во ВитлеемФотографија: Mahmoud Illean/AP Photo/picture alliance

Веројатно нема човек во Витлеем кој не го знае ресторанот Афтеем. Тука, на плоштадот Мангер, недалеку од Црквата на Христовото раѓање (или базилика Рождество Христово), има, велат, најдобри фалафел-ќофтиња во градот. Во зима, посетителите се тискаат во ресторанот со свод. Тука има хумус, ќебап и свежа лимонада со нане. Сега, наместо божиќните песни и вревата од храната, низ просторијата татне само правосмукалка.

120-те столчиња во моментов остануваат главно празни, се жали сопственичката Жаклин Саламех. „Витлеем живее од маслиново дрво, базиликата Рождество Христово и Божиќ. Но, ние не сме во божиќно расположение“. Само во ќошот има дрвце со црвени лампиони. За децата, вели таа. Покрај тоа, има само еден синџир со светла што виси од таванот.

Многумина во Витлеем се невработени

Витлеемските улички инаку се преполни. Аџиите доаѓаат овде за барем еднаш во животот да го видат ова место во Светата земја - местото каде, според библиското предание, се родил Исус. Но, луѓето од целиот свет веќе втора година не доаѓаат. Војната на Блискиот Исток го стопираше туризмот. И со тоа пресуши најважниот извор на приход.

Половина од луѓето во градот моментално немаат работа, вели Саламех. Едно семејство веќе не може да си дозволи да го посети ресторанот. Само понекогаш луѓето земаат фалафел-пита за две евра.

Витлеем ресторан Афтеем
120-те столчиња во ресторанот Афтеем сега остануваат главно празниФотографија: Reuters

Сè повеќе луѓе ја напуштаат областа

Семејниот бизнис на Саламех во стариот дел на градот е институција за локалното население и туристите. Ресторанот постои од 1948 година. Сега приходите се намалени за 80 отсто, вели таа. Вработените се откажале од половина од платата за воопшто да може да се продолжи со работа.

Многу Палестинци на окупираниот Западен Брег се во иста ситуација. За време на војната, според палестинското Централно биро за статистика, стапката на невработеност тука се искачи на речиси 35 проценти. Поради зголеменото осиромашување и недостатокот на перспектива, сѐ повеќе луѓе ја напуштаат областа.

Без новогодишна елка, одвај со по некој муштерија

Расположението е депресивно и надвор, на плоштадот пред базиликата Рождество Христово. Таму, инаку, сѐ е празнично украсено, има големо дрво и божиќни тезги. Сега само мал број продавачи со колички рекламираат кафе и пченка. И тие речиси немаат муштерии. Автомобилите се паркирани без ред.

Витлеем дуќани
Многу дуќани во Витлеем се затворениФотографија: Wisam Hashlamoun/AA/picture alliance

Глетката го растажува Елијас Булус. Младиот човек е член на група тапанари од градот Беит Сахур, источно од Витлеем. На Божик тие тука обично поминуваат тропајќи и пеејќи - по патот по кој, како што се вели, тргнале Марија и Јосиф. Но, и таа празнична поворка е откажана.

Мисли за луѓето од Газа

„Ова не треба да биде паркинг“, вели тој. „Но, тоа е резултат на војната. Живееме од ден за ден.“ Тој вели дека има семејство во Газа, како и повеќето луѓе овде. Го плаши колку малку вреди еден живот. Како да се слави кога таму луѓето гладуваат и умираат? Двајца роднини му загинале во воздушен напад на црква, а друг починал затоа што не добил навреме помош во болницата. Елијас деновиве често оди во црквата Рождество Христово за да им оддаде почит.

До таму има само неколку чекори. Внатре се шири мирис на темјан. Освен чувар, во црквата нема никој друг. Булус зема свеќа и се качува по скалите до пештерата каде што, според преданието, се родил Исус. Ѕвезда на земјата го означува местото каде што, како што се вели, биле јаслите на Исус. Вообичаено, тука сѐ е преполно и се стои во ред со часови. Сега само една калуѓерка клечи на молитва на студениот камен.

Витлеем | Базиликата Рождество Христово
Базиликата Рождество Христово во ВитлеемФотографија: Tania Krämer/DW

Молк во базиликата Рождество Христово

„Сега го имам целото ова место за себе и доаѓам многу почесто од вообичаено“, вели тапанарот Булус. „Кога се чувствувам безнадежно, тука наоѓам надеж. Можам да го исклучам сѐ друго што се случува“.

Одеднаш на плоштадот пред црквата настанува возбуда. Ракета од Јемен го прелетува Западниот Брег и се движи кон Тел Авив. Но, овде никој не е среќен поради тоа, вели Абуд, кој продава сувенири на мала тезга недалеку од црквата. Тој инаку рекламира шамии и шалови како подароци. Рачно изработени, палестински, нагласува тој. Но новинарите се првите муштерии во неговата продавница по цели 10 дена.

„Од 7 октомври 2023 година работите за нас само се влошуваат“, вели тој. Туристите веруваат дека е премногу опасно да се дојде овде. Многу негови колеги веќе се откажале од бизнисот. Тој работи хонорарно како градски водич, но минатата година имал само две групи посетители. „Педесет или 60 семејства живеат само од работа во хотелите“, вели тој. Но сега освен новинари не доаѓа никој друг.

На крајот од денот Абуд продаде една шамија.

Авторки: Ане Армбрехт и Бетина Мајер (АРД)