1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСирија

Украина и Сирија: Mоже ли Русија да се бори на два фронта?

Грегор Шимански
6 декември 2024

Поради војната против Украина, Русија не може едноставно да ја зголеми поддршката за сирискиот диктатор Асад. Но, Москва нема ни да го изневери - Сирија е премногу важна за Кремљ.

https://p.dw.com/p/4nmyR
Башар ал Асад и Владимир Путин на средба во Кремљ во јули 2024 година
Башар ал Асад и Владимир Путин на средба во Кремљ во јули 2024 годинаФотографија: Valeriy Sharifulin/IMAGO/SNA

Долго време Русија го претставуваше Алепо како симбол на сопствената сила бидејќи рускиот воен ангажман му помогна на сирискиот лидер Башар ал Асад да го преземе градот кон крајот на 2016 година по четири години борби. Сега Алепо за помалку од четири дена падна во рацете на бунтовниците - удар за Кремљ. „Русија веќе не е во состојба да го поддржува режимот на Асад како пред десет години“, вели Руслан Сулејманов, Русин кој го истражува ориентот на универзитетот АДА во Баку, Азербејџан. Русија и натаму изведува воздушни напади против бунтовниците, но тоа не е доволно за да ги сопре, оценува Сулејманов. Главната разлика е што од февруари 2022 година Русија е многу повеќе окупирана со нападот врз Украина. „Се разбира, руското присуство во Сирија почна да се намалува“, вели Сулејманов.

Русија главно вклучена во воздушни напади

Рускиот воен контингент во Сирија од секогаш бил мал. Кога Владимир Путин во 2015 година одлучи на Башар ал Асад во граѓанската војна да му пружа воена поддршка, Русија првенствено ги користеше воздушните сили. Според проценките, само 2 до 4 илјади копнени трупи биле пратени во Сирија во тоа време, а нивниот број веројатно е останат ист. Русија никогаш не даде никакви официјални информации во врска со ова. Во тоа време имаше сличен беше и бројот на платеници, како на пример од групата Вагнер. Токму тие почесто беа вклучени во копнени пресметки во Сирија отколку обичните војници, но и тие беа префрлени во Украина. „Руската стратегија се состоеше во тоа да се борат сириски, ирански и шиитски милитанти и да им дадат поддршка на руските сили, а не обратно“, пишаа американските аналитичари Мајкл Кофман и Метју Роџански за руската интервенција.

Владимир Путин во посета на воздухопловната база Хмејмим во декември 2017 година.
Владимир Путин во посета на воздухопловната база Хмејмим во декември 2017 година.Фотографија: ZUMA Press/imago

Сега Иран и неговите сојузници како Хезболах се ослабени заради конфликтот со Израел. Исламистичките бунтовници од групата Хајат Тарир ал-Шам ја искористија приликата за да напреднат на теренот.

Некои капацитети најверојатно повлечени од Сирија

Може ли Русија да ја пополни празнината со копнените сили? „На Русија ќе ѝ биде многу тешко да ја зголеми помошта за Асад без да ги ослабне сопствените сили во Украина“, вели за ДВ, Павел Лузин, експерт за руските вооружени сили. По нападот врз Украина во 2022 година, Русија негираше дека сака да ги повлече војниците од Сирија, но сепак според некои наводи префрлила борбени авиони во Русија. И рускиот противвоздушен ракетен систем С-300 исто така бил поставен во руско пристаниште во близина на Крим. Руските војници во Сирија биле прегрупирани и преместени од помали пунктови во поголеми бази. Распоредувањето на искусните платеници во Украина ја заслабна поставеноста на Русија на теренот во Сирија. Денес има други руски платеници во Сирија, „но тие не се специјализирани за борбени мисии, туку на пример за надгледување на некои постројки за производство на нафта“, оценува Руслан Сулејманов.

Москва не сака да се откаже од Сирија

Иако војната во Украина ужива приоритет за Москва, Русија нема да се откаже од Сирија. „Кремљ секако нема да го остави Асад на цедило“, смета Сулејманов. За Русија се работи за две важни локации. Поморската база во Тартус го обезбедува пристапот на Русија до Медитеранот, а воздухопловната база Хмејмим ѝ овозможува на Москва да се ангажира во целиот регион. Но, Сирија е важна за Кремљ и да го негува имиџот на суперсила. По неуспешните западни интервенции во Ирак и Либија, Русија сакаше да се претстави како фактор на стабилност во регионот и така успешно се етаблираше како играч на Блискиот Исток.

Рускиот ракетен крстосувач Москва во близина на пристаништето Тартус во Сирија во декември 2015 година. Во април 2022 година, бродот потона за време на војната против Украина
Рускиот ракетен крстосувач Москва во близина на пристаништето Тартус во Сирија во декември 2015 година. Во април 2022 година, бродот потона за време на војната против УкраинаФотографија: Zhang Jiye/Xinhua/IMAGO

Порадо преговори отколку дополнителни војници

Првичните реакции на Русија на офанзивата од бунтовниците укажуваат дека нема да делегира дополнителни воени ресурси во Сирија. Сепак, Русија изведува сѐ повеќе воздушни напади. Освен тоа, според информации на рускиот канал „Рајбар“ на Телеграм, во Сирија пристигнал и генералот Александар Чајко, кој во минатото ги предводеше руските трупи во земјата. Русија бара и контакт со другите сили вклучени во конфликтот, особено со Турција, која најмногу профитира од напредувањето на бунтовниците. Владимир Путин телефонираше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а следниот викенд треба да се состанат претставници од Русија, Иран и Турција. „На Кремљ му претстојат многу тешки и напорни преговори, а Москва и онака веќе троши толку многу нерви, енергија и ресурси за Украина“, оценува Руслан Сулејманов и додава дека Кремљ сега ќе мора да ги користи овие ресурси и за Сирија.