1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина во НАТО - веднаш! Можно ли е тоа?

Бернд Ригерт
4 декември 2024

Украина сака веднаш да влезе во НАТО - со деловите што не се окупирани од Русија. Така би требало да се најде начин за мировни преговори. Дали е тоа можно?

https://p.dw.com/p/4nieG
знамиња НАТО Украина
Украина сака да се приклучи на Алијансата - може ли брз пристап да донесе прекин на огнот со Русија?Фотографија: Petras Malukas/AFP/Getty Images

Членот 5 е јадрото на НАТО-договорот. Тој ја опишува обврската за сите членки да помагаат во самоодбрана доколку биде нападната друга земја на НАТО. Сепак, секоја членка на НАТО сама одлучува каква помош ќе даде „Ќе го браниме секој квадратен сантиметар од територијата на НАТО“, постојано нагласуваше американскиот претседател во заминување Џо Бајден по рускиот напад на Украина. Украина би сакала да се најде под овој заштитен чадор. НАТО постојано го ветуваше ова, но без да прецизира датум. Во одреден момент државата треба да биде наградена со членство за нејзината одбранбена борба против Русија.

НАТО-заштита само за дел од Украина?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сега предложи во НАТО да се прими делот од Украина кој е слободен. Областите окупирани од Русија на исток и полуостровот Крим (околу 27 проценти од Украина), кој беше анектиран од Русија со кршење на меѓународното право, првично не треба да бидат под заштитниот чадор на Алијансата. Зеленски сака да спречи понатамошен напредок на руските трупи и да ги направи можни евентуалните преговори со рускиот властодржец Владимир Путин за прекин на огнот.

Технички би било можно да се регулира само делумна примена на НАТО-договорот на територијата на Украина. Документот за пристапување на Украина, кој треба да биде ратификуван од сите 32 членки на НАТО, може да биде соодветно формулиран. Дополнителни протоколи за други прашања се веќе содржани во член 14 од Договорот за НАТО. Членот 6 од договорот ја опишува територијата на НАТО. На пример, некои острови кои припаѓаат на Франција или Велика Британија на Карибите или Пацификот не се територии на НАТО. За време на поделбата на Германија на де факто две држави, СРГ и ГДР, договорот за НАТО важеше само за западниот дел на Германија, т.е. Сојузна Република Германија. ГДР беше членка на Варшавскиот пакт, воениот сојуз на Советскиот Сојуз.

Многу членки на НАТО не се согласуваат

Прашањето е дали постои политичка волја кај партнерите во НАТО, особено кај најважната членка, САД, да се прими слободна Украина во алијансата. Германските политичари кои се занимаваат со безбедносни прашања, на пример, предупредуваат дека на тој начин ризикот да се биде вовлечен во воениот конфликт со уште еден руски напад врз Украина би бил многу голем.

За време на неговата посета на Украина во понеделникот (2.12.), канцеларот Олаф Шолц уште еднаш јасно стави до знаење дека го отфрла итниот влез на Украина во алијансата.

Украина Олаф Шолц Володимир Зеленски
Канцеларот Олаф Шолц (лево) во понеделник во Киев, УкраинаФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг има поинакво мислење. Тој веднаш по напуштањето на функцијата во октомври рече дека брзиот прием на поголемиот дел од Украина во НАТО може да доведе до крај на војната. „Онаму каде што постои волја, постојат начини да се најде решение. Но, потребна ви е граница која ќе дефинира каде се повикува членот 5, а Украина мора да ја контролира целата област до оваа граница“, рече Столтенберг во октомври за „Фајненшал Тајмс“. И Франција, Полска и балтичките земји би можеле да замислат делумно членство на Украина.

 

 

Факторот Трамп тешко се пресметува

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано бараше безбедносни гаранции од НАТО како дел од неговиот „план за победа“. Според германскиот генерал-мајор Кристијан Фројдинг, раководител на планскиот и командниот штаб на Бундесверот, Украина стои со „грб до ѕидот“. Затоа Зеленски може да замисли привремено откажување од повторното освојување на териториите окупирани од Русија. Рускиот владетел Путин, меѓу другото, побара Украина да не влезе во НАТО, ниту делумно. Неизвесно е како ќе се однесува новата американска администрација под претседателот Доналд Трамп. „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори блиски до новоизбраниот претседател, објави дека Трамп можеби сака да го „одложи членството на Украина за 20 години“. Не е јасно како тој има намера да го постигне од негова страна најавуваниот крај на руската војна против Украина.

САД Њујорк 2024 | Володимир Зеленски и Доналд Трамп
Какви планови има Трамп за запирање на нападите на Русија? (фото: Володимир Зеленски и Доналд Трамп во Њујорк, 27.09.2024)Фотографија: Ukrainian Presidency/abaca/picture alliance

Руте: Повеќе оружје, помалку дискусии

На актуелниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека на Украина не ѝ требаат нови дискусии за начините за прекин на огнот, туку повеќе оружје и повеќе ракетна одбрана. „Украина нема потреба од постојано нови идеи за мировен процес, туку треба да се погрижиме Украина да го има она што ѝ треба за да биде во силна позиција“, рече Руте. Од оваа позиција на сила, смета Руте, Украина потоа треба да преговара со агресорот Русија.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија