2024 - катастрофална година за децата
28 декември 2024Околу 473 милиони деца ширум светот живеат во области погодени од конфликти. Според годишниот извештај на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), тоа значи секое шесто дете. Ова е, како што понатаму се наведува во извештајот, кој се базира на најновите глобални статистички податоци, најголема бројка од Втората светска војна.
Рекордни бројки
Уделот на деца кои денес живеат во конфликтни области е речиси двојно зголемен, од 10 на 19 отсто, од 1990-тите години. За погодените деца, ова значи секојдневен живот во страв од напади, прогонство, недостаток на важни вакцини и лекови, како и отсуство од училиште. Неухранетоста е еден од појавите кои го придружуваат животот во областите погодени од војни и од конфликти, што особено го погодува регионот на Судан, каде гладот повторно се прошири по децении.
Поради вооружени конфликти, 47 милиони деца ширум светот беа принудени да ги напуштат своите домови.
Децата како колатерални жртви
„Речиси во секој поглед, 2024 година е една од најлошите години во 78-годишната историја на УНИЦЕФ, како по бројот на погодени деца, така и според влијанието врз нивните животи“, вели по повод извештајот Кетрин Расел, извршна директорка на УНИЦЕФ.
„Не смееме да дозволиме цела една генерација да стане колатерална жртва од конфликтите. Не смееме да се навикнеме и да ја прифатиме оваа ситуација“, вели таа.
Списокот на области каде децата не живеат нормален живот поради конфликти станува сѐ подолг и подолг: Украина, Газа, Мјанмар, Хаити, Либан, Судан. Билансот би можел да биде уште полош бидејќи УНИЦЕФ сè уште ги нема на располагање целосните бројки, пред сѐ за подрачјето на Палестина, но и за Украина, каде што во првите девет месеци од 2024 година се забележани повеќе деца жртви отколку во цела 2023 година.