Уставен суд одлучи - недела останува неработен ден
1 декември 2022Уставниот суд одлучи неделата да остане неработен ден. Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, информираше дека на денешната седница било одлучено да не се поведе постапка за предметот во кој беше оспорено работењето во недела. Иницијативата беше поднесена од Стопанската комора.
„За Уставниот суд неосновани се наводите на Стопанската комора на Северна Македонија која е подносител на оваа иницијатива и која бараше да се запре извршувањето на овој Закон. Оваа одлука е конечна и секој мора да ја почитува“, рече Беловска.
Со тоа останува на сила законот кој го уредува правото на работниците да не работат во недела, освен во дејностите кои се исклучоци - како трговски центри и бензиски пумпи.
Сојузот на синдикатите на Македонија во повеќе наврати апелираше Уставниот суд да го поддржи договореното помеѓу социјалните партнери – недела да биде неработен ден за најголем број на работници освен за дејностите кои социјалните партнери ги определија како исклучоци поради неопходноста од континуирано одвивање на одредени производни процеси.
Законското решение со кое недела е неработен ден, стапи на сила од 1 јануари годинава. Ваквата новина се најавуваше со месеци наназад, а со неа се предвидени ригорозни казнени мерки за работодавачите кои нема да го почитуваат тоа.
Законот предвидува дека недела е ден за одмор за 92 отсто од работниците во земјава. Исклучок има за оние работни места каде не може да се прекине работниот процес односно за околу 8 отсто од работници. Оние кои работат во недела треба да земаат додаток на плата од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа доколку со закон или колективен договор не е утврден повисок износ. Предвидено е да користат и слободен ден во наредните седум дена.