1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Консултации со експерти, па расправа за Законот за јазиците

ДТЗ
11 декември 2024

Уставниот суд ќе одржи подготвителна седница и ќе се консултира со експерти пред да расправа за иницијативите за Законот за употреба на јазиците. Од ДУИ најавуваат дека ќе продолжат со „стражите за јазикот“.

https://p.dw.com/p/4o026
Уставен суд
Уставниот суд ќе се консултира со експерти, па ќе расправа за Законот за јазициФотографија: Petr Stojanovski 

Уставниот суд ќе одржи подготвителна седница и ќе се консултира со експерти пред да расправа за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. Предлогот на судијата известител Елизабета Дуковска го поддржаа петмина судии. На седницата на Уставниот суд, кој има вкупно девет члена, не дојдоа судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. 

Иако одлуката за оценување на Законот за јазици би можела да се пролонгира и во наредните неколку месеци, случајот предизвика турбуленции на политичката цена во Северна Македонија. Судиите заседаваа додека пред вратите на Уставниот суд „стражареа“ членови и раководството на Европскиот фронт, предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ), коишто побара од судот да ги отфрли иницијативите за албанскиот јазик. За време на седницата можеше да се забележи засилено полициско присуство околу Уставниот суд. 

Зошто подготвителна седница? 

Повеќето судии сметаат дека е особено важно да се одржи подготвителната седница за да се покаже дека владее правото и дека уставноста не се брани на улиците, туку во судот. Тие повикаа на трпение и доверба во институциите и нагласија дека одлуката ќе помогне во отфрлањето на наводите за политизација.

Непосредно пред гласањето на дневниот ред, судијата Фатмир Скендер предложи точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајца судии. Неговите колеги не се согласија - нивните аргументи се дека ако судот воспостави ваква пракса, тогаш ќе треба и за други предмети да се чека да бидат присутни сите судии, што би ја попречило работата на судот. 

Дарко Костадиновски
Уставниот суд ќе одржи подготвителна седница и ќе се консултира со експерти пред да расправа за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. Фотографија: Petr Stojanovski 

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија. Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. 

По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во парламентот. 

„Гласот на разумот“ 

Додека судиите одлучуваа околу тоа дали ќе има или не расправа за иницијативите, опозициските политичари испратија пораки со коишто се надеваат дека ќе се влијае на одлуката. Според потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, закажувањето на подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците. 

„Тоа го знаеме од начинот на којшто Уставниот суд постапуваше по нарачката за укинување на правото на етничка идентификација т.н. укинување на балансерот“, изјави Османи пред Уставниот суд. 

ДУИ пред Уставен суд
Според потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, закажувањето на подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците. Фотографија: Petr Stojanovski 

Тој оцени дека Уставниот суд, во моноетнички состав, одржа рочиште за едно од најделикатните прашања поврзани со мултиетничка демократија во земјата и одлучи да продолжи со притисокот врз албанскиот јазик. „Овој чин го обновува минатото и е закана за нашата заедничка иднина. Нашата иднина мора да се гради врз меѓусебна почит, солидарност и толеранција. Да не дозволиме раните од минатото да не спречат да градиме поправична и обединета иднина за сите!“, дециден е Османи. 

стража за јазикот, ДУИ, Уставен суд
ДУИ најавува дека ќе продолжи со „стражите за јазикот“.Фотографија: Petr Stojanovski

Партијата најавува дека ќе продолжи со „стражите за јазикот“.

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, е дециден дека Уставниот суд треба да ги отфрли 13-те иницијативи за укинување на албанскиот јазик, бидејќи тоа ќе биде мудра одлука. Ахмети кажа дека таму не се собрале за да предизвикаат судир, туку да го слушнат гласот на разумот.

Порака на социјалните мрежи упати и Фатмир Битиќи, пратеник во Собранието од редовите на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања. „Македонија е најсилна тогаш кога ги слуша сите свои граѓани – на сите јазици“, вели тој.

„Во овие моменти, кога судницата станува арена на судир помеѓу историјата и визијата за иднината, свесни сме дека тоа не е само за законот или Уставот, станува збор и за тоа каква држава сакаме да бидеме... Во овие моменти, кога самата можност за употребата на албанскиот јазик е доведена во прашање, свесен сум дека можеби утре некој ќе се обиде да го замолчи мојот глас. Но, јазикот е повеќе од зборови – тој е нашиот идентитет, нашето право да бидеме тоа што сме и нашата верба во еднаквоста“, порача Битиќи.