1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата им задава најголеми главоболки на Германците

6 декември 2024

Речиси половина од Германците се загрижени поради лошата економија во земјата, покажува најновото истражување на јавното мислење Дојчландтренд.

https://p.dw.com/p/4npp6
Хановер | ИГ Метал штрајк Фолксваген
Страв за работните места: Во Хановер, синдикатот ги повика вработените во Фолксваген да протестираат против заканата од затворање фабрикиФотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance

Ако се прашаат граѓаните на Германија, тогаш лошата економија е најгорливиот проблем на нивната земја во декември. Ова е резултат од редовното месечно истражување на јавното мислење Дојчландтренд, кое за јавниот радиодифузен сервис АРД го спроведува институтот Инфратест-Димап. 45 отсто од околу 1.300 испитаници во таа репрезентативна анкета изјавиле дека економската состојба е најважниот проблем во моментов. Не е ни чудо: граѓаните се многу загрижени за работните места откако се дозна дека големи концерни како Фолксваген имаат намера да отпуштаат работници и да затвораат фабрики.

23 отсто од анкетираните го сметаат прашањето на доселувањето и бегалците како најважен проблем, а 18 отсто како најголем проблем ја наведуваат опасноста од бројни вооружени конфликти во светот, како војната во Украина и Блискиот Исток.

Сепак, она што доминира над сѐ е грижата за економската иднина, што е во согласност и со фактот дека експертите предвидуваат само слаб економски раст за Германија следната година, ако воопшто го има. Колку за споредба, пред нешто повеќе од три години, во септември 2021 година, кога последен пат се гласаше за пратеници во Бундестагот, само седум отсто од испитаниците беа загрижени за економската иднина.

Мало подобрување за владејачките социјалдемократи

Пред еден месец, на 7-ми ноември, владата составена од социјалдемократи, зелени и либерали се распадна поради спорот околу правилната политика за борба против економската слабост. Либералите од ФДП ја напуштија владата, а канцеларот Олаф Шолц (СПД) оттогаш владее во малцинска влада заедно со Зелените. Затоа ќе има предвремени избори на 23 февруари следната година.

 

Доколку сега се одржат избори, победници би биле конзервативците од ЦДУ и ЦСУ, со претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц на чело. Во споредба со претходното истражување од средината на ноември, тие имаат малку помал рејтинг, но со 32 проценти сѐ уште се далеку пред сите конкуренти. Социјалдемократите на канцеларот Шолц малку се подобрија и сега имаат поддршка од 16 отсто од избирачите. Делумно десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД) има поддршка од 18 проценти од избирачите. А ФДП, која ја напушти владата откако канцеларот Шолц го разреши либералниот министер за финансии, Кристијан Линднер, повеќе не би била застапена во Бундестагот, затоа што со 4% поддршка не би го поминала цензусот кој изнесува пет проценти.

Слаб рејтинг за политичарите на врвот

На почетокот на изборната кампања, Шолц сака да се прикаже себеси како „регент на мирот“ кој сака да ја поддржи Украина во нејзината борба против Русија. Но, Шолц исто така сака да спречи Германија и НАТО да бидат вовлечени во војната. Покрај тоа, тој не сака да ѝ испорачува на Украина оружје со долг дострел, кое би можело да достигне и цели во Русија. Оваа умерена политика е добро прифатена од Германците. На прашањето кои политичари со својата работа влеваат доверба, ниту една од водечките личности не добива добри оценки. На врвот е претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц со 30 отсто, пред кандидатот за канцелар на Партијата на Зелените, министерот за економија Роберт Хабек. Иако повеќе луѓе се задоволни од работата на канцеларот Шолц отколку во ноември, неговиот рејтинг е сè уште низок и изнесува 23 проценти.

 

Во Германија инфраструктурата се распаѓа и како и во други земји има голем недостиг од персонал. Бирократијата се доживува како парализирачка, а контроверзното прашање на доселувањето придонесе за поларизација на општеството. Традиционално, Германците се многу колебливи кога станува збор за далекусежни реформи. Но повеќе не: 48 отсто од анкетираните се за темелна промена на многу работи, 46 отсто се за некои корекции на курсот, а само 3 отсто сметаат дека сè може да остане како што е.

Моментално Мерц е веројатен нов канцелар

Според актуелниот Дојчландтренд, напролет во канцеларската фотелја би седнал друг политичар. Најверојатно тоа би бил лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, кој веројатно би формирал влада со Социјалдемократите. Но, во кризни времиња, нешто повеќе од два месеца до изборите е долг период, во кој многу нешта може да се променат.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик