Занаети кои изумираат: Ковач и крзнар нема ни за лек
21 ноември 2023Последниот ковач во Скопската стара чаршија се обидува да го одржи во живот занаетот којшто со генерации се пренесува од колено на колено во неговата фамилија. Крзнарот го затвори дуќанот и веќе нема ваков мајстор во чаршијата. Часовничар кој врши поправки и јорганџија нема ниту за лек, ниту пак мајстор кој рачно ќе може да им изработи папучи на жителите на главниот град или на посетителите од странство.
Старите занаети се во изумирање, рачните изработки кои се уникатни и „злато вредат“ речиси ги нема. Чираците место со чекан в рака да го „коваат“ занаетот во работилница, учат од Јутјуб, бидејќи стари мајстори сѐ помалку има.
Чираците нема да кого да учат занает
Времињата се менуваат - некои професии стануваат неинтересни за младите кои не сакаат да ја продолжат семејната традиција, други не сакаат да учат занает, трети сакаат да воведат новитети и со машини да ја заменат рачната работа.
„Работата треба да се модернизира, но проблем е што постои основно непознавање на занаетите. Обична некоја работа што порано ковачот ќе ја завршел за половина час и ќе наплател 100 денари, сега е потребно со денови да се бара решение кое ќе ве чини и до 3.000 денари“, вели за ДВ, Мендерес Кучи од Стопанската Комора на северозападна Македонија.
Постои голем недостиг на кадри за одредени занаети, кој нема како да се пополни. Огромен дефицит има на пример за столари - се бараат мајстори, но тешко се наоѓаат. Пекари, слаткари, автомеханичари веќе одамна е проблем да се најдат. Има потреба и за фризери и козметичарки.
„Нови обучени кадри има, но дел од младите ги затвораат бизнисите и заминуваат надвор. Ги бришат занаетчиските бизниси од нашиот регистар и ја напуштаат земјата“, посочува за ДВ Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиската комора-Скопје.
Ништо не може да ја замени човечката рака
Животот во старите чаршии во речиси сите градови полека замира, а стотина кадри, според Кучи, е доволно годишно да се школуваат за да можат да ја продолжат традицијата и да го пренесат знаењето понатаму на новите генерации.
„Вака ние го губиме семето. Имаме земја, но немаме семе“, вели тој.
Дека дигитализацијата не може да ја замени човечката рака укажува и Атанасовска. Во Занаетчиската комора-Скопје членуваат 2.900 занаетчии, кои сѐ уште се обидуваат да го сочуваат духот на традицијата.
Кај нив можат да се обучуваат нови кадри на коишто ќе им ги пренесат тајните на занаетот, но има многу стари занаети за кои ниту има интерес, ниту има начин како да се пренесат на новите генерации. Едноставно, недостига пракса - младите занаетот треба да го изучуваат во занаетчиските бизниси.
„Занает не се учи на интернет, тајните на занаетот се учат со мајсторот во работилница - така се станува врвен столар, бравар , ковач, кожар. Сега ако сакате да сошиете нешто од кожа, нема каде да го направите тоа, па кожата од животните сѐ повеќе се фрла, место да се искористи како некогаш“, забележува Кучи.
Ги затвораат дуќаните и заминуваат
Миграцијата создаде огромен недостиг на квалификувана работна сила во земјата. Листата на дефицитарни стручни кадри е сѐ поголема. Моментално, најмногу недостигаат градежни, машински и прехранбени техничари, нема доволно пекари, плочкари, фасадери, водоинсталатери.
„Бараме решенија, одредени занаети кои ни се неопходни да ги задржиме“, вели Атанасовска. Трошка оптимизам се гледа во зголемениот интерес на младите годинава за запишување во средните стручни училишта, за разлика од гимназиите.
„Се сменија времињата. Младите бираат други дејности за работа. Тие го заменија гимназиското образование со стручно, се интересираат за електро-техничките струки, машинството, личните услуги. Тие не бараат повеќе работа во администрацијата, туку сакаат да научат занает, да имаат сопствен бизнис и повеќе да заработуваат“, вели Атанасовска.
Изумираат занаетите и традицијата
Постои цела листа на занаети кои се во изумирање и секоја година таа листа се надополнува со уште некој. Такви се на пример занаетите како што се: ковач, јорганџија, крзнар, леблебиџија. Со изумирањето на занаетите, во заборав оди и дел од традицијата и историјата.
„Се обидувавме преку различни иницијативи да побараме поддршка за да опстојат дел од старите занаети, за кога ќе дојдат туристи во Старата скопска чаршија да се запознаат со богатата традиција и историја на ова поднебје. Но, едноставно кај надлежните институции нема интерес за тоа“, објаснува директорката на Занаетчиската комора- Скопје.
Тие преку различни програми и за младите и за повозрасните прават напори да им ги доближат занаетчиските работи и да се пробуди интересот кај нив за да ја продолжат традицијата. Но, според Атанасовска, стручното образование е основа на занаетчиството затоа што оттука доаѓаат младите коишто се надеж дека занаетчиството ќе опстои и покрај бројните предизвици со коишто се соочува.