Аврамопулос е воздржан околу преговорите за името
11 март 2013Шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос во интервју за „Катимерини“, пред новата рунда разговори за имети вели: „Политичката криза и изборите во Скопје не‘ тераат да бидеме воздржани. Кризата го потврди тоа што го зборувавме кога беше објавен извештајот на Европската комисија во октомври: опасно е проблемите да се кријат под тепих.“
Според Аврамопулос, „за функционална демократија според стандардите на ЕУ не е доволно само да се усвојат закони кои остануваат на хартија, туку реформите мора да бидат спроведени во пракса“.
Грчкиот министер тврди дека грчките власти сакаат „во соседната земја да преовладеат стабилноста и функционалниот демократски систем“.
Аврамопулос порача дека Грција со предложениот Меморандум за разбирање „покажала дека сака и оти работи на решение“.
„Повеќето наши партнери го признаваат нашиот конструктивен став. Тоа, исто така, беше отсликано и во едногласната одлука на ЕУ во декември со која се повика на решавање на прашањето за името пред да се почнат преговори“, рече Аврамопулос во интервју за „Катимерини“.