Асад не смее да ја блокира хуманитарната помош
6 мај 2014Товарни возила полни хуманитарна помош не можат да влезат во Сирија, зашто не им се издава дозвола. Мора да се достават дополнителни документи. Лекарите од мобилните тимови на меѓународните хуманитарни организации ги лекуваат болните и ранетите се‘ додека владините и бунтовничките трупи не ги прогонат. Вака претставниците на хуманитарните организации ја опишуваат ситуацијата во Сирија со која се конфронтирани секојдневно. Тие постојано се доведувани до своите граници, изложени на шиканирање и спречувани во работата, мораат да бараат нови рути или цели за да им помогнат на луѓето. Највисоката цел на хуманитарната помош - заштитата на цивили при запазување политичка неутралност, конфликтните партии не ја почитуваат.
Многу хуманитарни организации затоа го помагаат сириското население преку седишта од соседните држави, од Либан, Јордан, Ирак и Турција. Тие патуваат во Сирија, често без дозвола на владата на Асад. Зашто, таа од меѓународните хуманитарци бара авторизирање на нивните акции од Дамаск, дури и тогаш, кога областите во кои сакаат да патуваат хуманитарците не се веќе под нејзина контрола. Хуманитарните работници кои не се придржуваат на овие правила, се на удар на заканите од владата да им се укине лиценцата за хуманитарна помош во земјата.
Непостоење правна основа
Меѓунардона група правни еминентни експерти во јавно писмо објавено во цел свет сега ги истакнува правните граници на попречувањето и шиканирањето, кои на Асад треба да му бидат укажани преку ОН. Писмото е иницирано од меѓународната организација за помош „Крајсис Екшн“, чија цел е заштита на цивилното население во вооружени конфликти. Писмото се потпира, меѓу другото, на студијата на франкфуртскиот експерт за меѓународно право, Михаел Боте, чии резултати во суштина покажуваат - режимот на Асад нема правна основа за своите постапки, првенствено не за инсистирањето за издавање дозвола за работа на хуманитарните организации на целата територија на Сирија. Дозволата треба да ја издаде онаа партија во конфликтот, која де факто ја контролира одделната област. Режимот на Асад, меѓутоа, има загубено контрола врз делови од земјата, истакнува Боте во разговор за Дојче веле, и затоа нема право да издава дозвола за хуманитарните организации на целата територија.
Освен тоа, цивилите имаат право на помош, а никоја од конфликтните партии не смее своеволно да го попречува пристапот на хуманитарците до нив. Исто така, без правна основа е самоволието и поставувањето пречки за хуманитарците.
Отвореното писмо, истакнува Боте, од една страна ја артикулира загриженоста на авторите поради од ден во ден се‘ поголемата хуманитарна катастрофа во Сирија. Истовремено, него авторите го сметаат за правен апел: „Писмото од раководителката на Бирото на ОН за координација на хуманитарната помош, Валери Амос, бара, правно гледано, малку похрабар став во однос на тоа - ваквите хуманитарни пратки од соседните држави да можат да стигнат во одделни региони кои не се под контролата на Дамаск, а притоа да не се бара согласноста од сириската влада“.
Не се исклучува практично влијание
Боте не исклучува дека правниот апел ќе има практично дејство. Тој самиот и останатите автори го сметаат отвореното писмо за дел од политички потенцијал за притисок. Иако, никој не верува дека Асад ќе прифати правно коректна аргументација. Но, се работи за зголемување на политичкиот притисок во рамките на ОН.
„За Советот за безбедност на ОН правната аргументација, се разбира, игра улога“, вели Боте. Така, писмото се фаќа како елемент за зголемување на притисокот врз Асад и опозицијата. Притисокот може да биде дотолку поголем доколку на конфликтните партии им станува јасно дека изгладнувањето на цивилното население, како форма на оружје, е воено злосторство. Тоа може да има сериозни персонални последици: „Ако сириски функционер стигне во Германија, Сојузното обвинителство ќе биде обврзано кривично да го гони“.