Атина го одби предлогот на Нимиц
27 март 2008Сложено име коешто ќе се употребува во билатералните односи со Грција и во меѓународната комуникација, но и за домашна употреба во Македонија, побара денеска грчкиот премиер Костас Караманлис. За него тоа е решение за спорот со името. Со ова и јавно го одби последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц. Караманлис говорејќи во парламентот каде се расправа за доверба на неговата влада, упати остра порака до Скопје.
„Без взаемно прифатливо решение за спорот со името вратата за членство на соседната земја во НАТО ќе биде затворена“. Според Караманлис „нема да бидат доволни само изјави дека е постигнат договор, туку е неопходно решение кое нема да дозволи повлекување или одолговлекување на договорот“. Грчкиот премиер нагласи и дека евентуалниот договор ќе мора да носи печат на ОН и на Советот за безбедност.
Ветото е се поизвесно тврдат грчките медиуми
Медиумите во Грција денеска пишуваат дека Атина веќе му ги врачила забелешките на медијаторот Нимиц и одлуката дека неговиот последен предлог му се одбива. „Та Неа“ тврди дека незадоволството во Атина доаѓа од фактот што во предлогот не е прецизирано прашањето за употребата на терминот „македонски“ за политички, етнички и трговски цели. Според весникот „Елефтерос типос“ пак не е исклучено Грција да поднесе и свое предлог решение за името со цел да не ја преземе одговорноста за неуспешни преговори. Во написот насловен како „половина чекор пред вето“ весникот повикувајќи се на доверливи извори тврди дека, ако не се случи нешто непредвидено, Грција ќе наложи вето за членството на Македонија во НАТО уште за време на лидерската вечера на 2 спрема 3 април во Букурешт, на која ќе присуствува и американскиот претседател Џорџ Буш. Според грчките медиуми не е исклучено пред самитот на НАТО кој почнува следната недела да има нова средба меѓу претставници на владите од Атина и Скопје.