Барања за трупи на ОН во Сомалија
30 јули 2011Потпретседателот на германската секција на организацијата Помош за гладните во светот Клаус Тепфер побара воена интервенција на ОН за справување со кризата со глад во Сомалија.
Во текст за весникот „Велт“, поранешниот Директор на Програмата за заштита на животната средина на ОН истакнува дека племенските судири во Сомалија се одвиваат врз грбот на прегладнетите луѓе. Кон тоа треба да се приклучи и катастрофалното дејство на исламскиот фундаментализам на т.н Ал Шабаб милиција.
Меѓународната заедница не смее повеќе само да гледа што се случува во Сомалија, порача Тепфер прашувајќи: Каде останаа трупите за брза интервенција на ОН?
Германскиот министер за развојна помош, Дирк Нибел, пак, ги повика богатите арапски земји, да обезбедат помош за прегладнетите луѓе во Сомалија. Од овие држави досега не може да се чуе ништо, изјави Нибел за германската новинска агенција ДПА.
Во Сомалија и во други држави во источна Африка од глад се загрозени околу 12 милиони луѓе.
Автор: СН/ АТ/ дв
Редактор: Александра Трајковска