Барање за интервенција на ОН
4 февруари 2012На Сирија и‘ е потребна демократска иднина, нагласи американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон на Минхенската безбедносна конференција. И шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле предупреди дека Советот за безбедност веќе не смее да молчи. „Тоа им го должиме на луѓето во Сирија и на нашиот углед како меѓународна заедница“, рече Вестервеле. Тој опомена дека не смее да се заборави оти додека во Минхен се дискутира за безбедноста, во Сирија „луѓето губат животи“.
Непосредно пред планираното гласање во Советот за безбедност околу резолуцијата за Сирија, сириските безбедносни сили во Хомс, според изјави на активисти, убиле повеќе од 200 луѓе. Две организации настроени критички кон власта во Сирија јавија за напад со тенкови што се случил во текот на ноќта. Владата во Дамаск тоа го демантираше.
Податоците кои ги пласираа западни медиуми се дека во гранатирањето на армијата врз градот убиени се меѓу 200 и 260 луѓе. Тоа е најсмртоносниот напад досега на сириските сили врз противниците на режимот кои демонстрираат веќе 11 месеци.
Демонстранти упаднаа денеска во сириската амабсада во Кувајт, искршија прозорци, го симнаа националното знаме и го подигнаа знамето на опозицијата која се бори против режимот на Башар Асад.
Педесетина противници на режимот на сирискиот претседател Башар Асад, претежно Сиријци, ја нападнаа амбасадата на Сирија во Каиро. Искршена е влезната врата на амбасадата, уништен е мебелот и техниката на вториот спрат. Опожарен е првиот спрат, јавуваат египетски медиуми. Околу амбасадата во Каиро распоредени се дополнителни полициски сили. Тоа е втор напад врз амбасадата за една недела.
Автор: ЕМФ/дапд/дв
Редактор: Ж. Ацеска