1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и реформите на ОН: шансите на Берлин беа пред два месеца поголеми, отколку денес

10 декември 2004

Претензиите на Германија и на Јапонија за добивање постојано место во Советот за безбедност на ОН ги ставија во втор план сите други теми од посетата на германскиот канцелар Герхард Шредер на Јапонија. Барањата изнесени во Токио наидоа главно на негативно ехо во ОН.

https://p.dw.com/p/AczZ
Шредер и Коизуми на прес-конференција во Токио
Шредер и Коизуми на прес-конференција во ТокиоФотографија: AP

Шредер и јапонскиот премиер Коизуми побараа можните нови членови на Советот за безбедност при реформа на ОН, да добијат и право на вето. “Јапонија и Германија денеска јасно ги изложија своите појдовни позиции, но исто така јасно ставија на знаење и дека во таквите дискусии ќе одиме и мора да одиме ориентирани на консензус” – рече канцеларот. Обете земји своите напори ќе ги координираат и со другите претенденти Бразил и Индија.

Но, во Обединетите Нации во Њујорк барањата истакнати во Токио наидоа главно на негативно ехо. Шансите на Германија пред два месеца беа поголеми, отколку денес и Берлин мора да внимава, вели еден западен дипломат во Њујорк. Италија со задоволство регистрира дека со масивното лобирање против Германија прибира се‘ повеќе земји на своја страна.

Премногу јавно изразениот оптимизам и најновите барања за право на вето, и без тоа неомилено кај многу членки на ОН, придонесоа уште повеќе за одбивен став. Дури и добрите пријатели од Швајцарија недвосмислено јасно му порачаа на канцеларот дека “...ние сме против право на вето за новите членови. Ние се разбира согледуваме оти во сегашната ситуација не е реално да се постави барање против ветото на сегашните членовина Советот за безбедност”. Новиот швајцарски амбасадор во ОН Петер Маурер и покрај тоа се надева дека недемократскиот реликт од повоеното време барем може да биде ограничен, како што предложи едно експертско тело на светската организација. Швајцарецот, како и многубројни други противници, го смета ветото за пречка во работата на Советот за безбедност, како што покажа и најновиот случај кога Кина за кризата во Дарфур го одбрани од санкции Судан, свој партнер во трговијата со нафта. “Има регионални конфликти кои не се појавуваат на агендата на Советот за безбедност бидејќи поедини членови имаат перманентно право на вето” – аргументира Маурер.

Се разбира, има и такви, како Бразил, кои бараат ширење на кругот на земји со право на вето за, како што аргументираат, да им се истопорчат на САД. И претседавачот со Генералното собрание на ОН Жан Пинг гледа причини за проширување на ветото и го смета за бесмислено креирањето трета категорија членови на Советот за безбедност, покрај постојаните и непостојаните. Но, неопходното двотретинско мнозинство за соодветна промена тешко дека е можно да се постигне, страхуваат поддржувачите на германските желби. Дури и еден германски дипломат вели дека САД лесно ќе организираат 64 воздржани и тоа е доволно за да не се оствари сонот на Германија за постојано место на масата на најмоќните. Некои пак сметаат дека стратегијата на Берлин е да се бара место од прва, за да се добие од втора класа. Но, и кај нив нема верба дека сегашниот многу гласен настап може да има успех.