UNO Westerwelle
27 септември 2011Одушевувањето од пред една година беше големо - по интензивната кампања, Германија успеа да добие непостојано место во Советот за безбедност на ОН. Од почетокот на 2011 година Германците седат во најважното тело на светот. Но, меѓународниот значење на Германија оттогаш не е зголемено, напротив.
Највпечатлива слика дава погледот врз листата говорници на годинешното Генерално собрание. Германската внатрешна политика во Њујорк не игра никаква улога, но сепак тоа што поради изборниот дебакл на неговата партија на покраинските избори Вестервеле веќе не е вицеканцелар, се одрази и на неговото рангирање во меѓународната дипломатија. Тој зборуваше како последен од претставниците на непостојаните членки. Државите како БиХ или Јужноафриканската Република, Колумбија, Индија и Португалија ги испратија своите претседатели или премиери и со тоа осигураа места понапред на листата говорници.
Последица на воздржаноста во однос на Либија
Содржински, Германија со својот маневар исто така се стави настрана, воздржувајќи се при гласањето во Советот за безбедност на ОН во врска со зоната на забранети летови над Либија во март. Тоа беше прво огнено крштевање во ова тело и Германија не го помина. Таа се стави на страната на Русија и на Кина, наместо да ги поддржи САД, Велика Британија и Франција, а пред се‘ бунтовниците во Либија.
Во говорот пред Генералното собрание на ОН Вестервеле синоќа ја спомена Либија само со една реченица: Германија ја нуди својата поддршка за „новиот почеток во Либија по соборувањето на диктаторот“. На конференцијата за Либија, одржана претходно, Вестервеле не дојде ни до збор, ја напушти пред крај и својот говор го приложи кон записникот. Тоа не делува суверено, напротив, создава впечаток како да не сака да биде потсетен на поранешната одлука.
Ефикасност, но и безбојност
На Германците мора меѓутоа да им се признае ефикасност кај другите теми во Советот за безбедност: на пример, апликацијата за прием во членство на Јужен Судан беше успешно завршена во рекордно време, усвоена беше и резолуција за засилена заштита на децата во кризните краишта. Вестервеле во неделата додека е во Њујорк имаше редица средби, присуствуваше на конференции и манифестации, меѓу другото и за економскиот напредок на Авганистан. Но, во однос на конфликтот на Блиски Исток, традиционално германска тема, тој остана безбоен.
При тоа, Вестервеле голем дел од својот говор му посвети токму на блискоисточниот конфликт. Неговите заложби може да се резимираат со зборовите - двете страни имаат право на егзистенција и мирот е можен, ако се придржуваат до временскиот план на Блискоисточниот квартет. Како ќе се однесува Германија во случај на гласање во Советот за безбедност на ОН за прием на Палестинците, Вестервеле не кажа. Дали тоа значи натамошно германско исклучување како во случајот на Либија? Искусните не се однесуваат така. Вредноста на германските карактеристики е неспорна. Но, понекогаш е потребно нешто повеќе од трудољубивост, ред и точност.
Автор на коментарот: Кристина Бергман
Превод: Жана Ацеска
Редактор: Горан Чутаноски