Ги чита ли некој препораките на Ла Ру?
9 јули 2014Го чита ли некој извештајот и препораките на Специјалниот известувач на ОН за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, Френк Ла Ру, кој лани во јуни на покана на Владата беше во официјална мисија во Македонија? Се чини дека не, со оглед дека оттогаш не се преземени никакви мерки за надминување на утврдените проблеми, на кои Македонија „се сопнува“ и денес.
Во Извештајот презентиран минатиот месец пред Советот за човекови права на ОН, Ла Ру ги нагласи клучните слабости во мониторираната сфера и даде препораки за нивно надминување. Фактот дека тие во домашната јавност не добија никаква гласност, доволно зборува и за „подготвеноста“ на медиумите за интроспекција на состојбите во сопствениот двор.
„Во текот на последните четири години, најмалку седум важни медиуми, вклучувајќи го најстариот приватен телевизиски канал во земјата и еден од најчитаните политички неделници, беа обврзани да ги прекинат своите активности. Во овој контекст, извештаите за пролиферација на судски мерки против одредени медиумски претпријатија по барање на Владата и на регулаторните тела, наводите на мешање на Владата во функционирањето на регулаторното тело, наводите за неправична распределба на државните средства за публицитет која фаворизира медиумски групи блиски со Владата и тврдењата за вршење притисок против синдикално здружените новинари, се загрижувачки показатели на намалување на просторот за плурални и независни медиуми во земјата“, се вели во извештајот.
Игнорирање на суштината
Поларизација на медиумите, говор на омраза, отсуство на медиумски плурализам и дискриминација по разни основи, се само дел од бројните слабости констатирани во извештајот за Македонија. Дали оценките на Ла Ру се совпаѓаат со перцепцијата на домашната јавност? Според Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, извештајот објективно и прецизно ги скенира клучните проблеми од аспект на остварувањето на правото на слобода на изразување.
„Препораките кои тој ги истакнува се во духот на предлозите што и поголем дел од медиумската заедница и експертската јавност ги посочуваат како клучни за влошувањето на просторот за слободно изразување и независни медиуми во земјава. И овој извештај потврдува дека нашите закони за оваа сфера генерално се добри и на линија на меѓународните стандарди, а недостатоците се однесуваат на пристрасноста, селективноста и политичкото влијание врз независноста на регулаторните тела и врз судството. Од друга страна, одговорот на државата на овој извештај, не дава надеж дека во блиска иднина посочените проблеми би можеле да бидат решени. Сите стратегии и планови креирани од државните институции што се истакнати во одговорот, кои треба да послужат како наводен аргумент за да се оспорат или минимизираат проблемите, само потврдуваат дека пристапот на државата и понатаму е фокусиран кон задржување на формата, а игнорирање на суштината. Ако сакаме да ги унапредиме состојбите во оваа сфера, неопходна е политичка волја и искрен, сеопфатен ангажман од сите државни институции со надлежности во оваа сфера, а пред се‘ од Владата и на Парламентот. Но, во актуелниот контекст, тоа наликува на невозможна мисија и за жал простор за оптимизам речиси и не постои“, констатира Петковска.
Специјалниот известувач со загриженост ги забележал и информациите дека, дури и по декриминализацијата на клеветата, тужби за клевета се‘ уште се поднесуваат релативно често, особено против истражувачките сегменти на медиумите кои покриваат корупција и злоупотреба од страна на државните власти: „До април 2013 година, веќе биле прифатени 60 тужби во врска со клевета. Јасно е дека независните новинари или медиуми не можат да преживеат напад од граѓански тужби или барања. Казните пропишани со новиот Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда се чини дека се претерано високи со оглед на просечните плати на новинарите во земјата и економскиот капацитет на некои независни медиумски групи“.
Мешање во судството
Ла Ру е дополнително загрижен и околу наводите што ги добил во врска со мешање на владините органи во независноста на судиите и адвокатите. „Неодамнешното назначување на пет члена на Уставниот суд, на пример, се тврди директно влијаело на независноста на ова тело, кое почна да одлага и компромитира одлуки, вклучувајќи скорешни случаи поврзани со правото на слобода на изразување. Понатаму, Уставниот суд нема административна и финансиска автономија потребна за извршување на својата работа со бараната независност. Сите човекови права се под голем ризик без заштитата од целосно независен судски систем. Затоа, Специјалниот известувач нагласува дека се потребни итни одговори за да се идентификуваат внимателно и елиминираат сите можни начини на мешање во работата на судството“, се вели во извештајот.
Од извештајот може уште еднаш да се согледа досега многупати искажаната загриженост за начинот на кој се применуваат законските норми, односно за тоа како се имплементираат законите кои се донесени на основа на меѓународните стандарди, вели д-р Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“.
„Селективноста и пристрасноста во примената на законите е проблем што исто така е согледан и од страна на домашната експертска и стручна јавност, но и проблем со кој секојдневно се соочуваат граѓаните во Македонија. Соодветното спроведување на нормите кои ја штитат слободата и независноста на медиумите, како и соодветната примена на правото на пристап до информации, се од суштинско значење за ефикасно функционирање на системот за национален интегритет и за воспоставување на ефикасна демократија и владеење на правото. Во овој контекст од суштествено значење е препораката дека ’државата треба да обезбеди независност на домашните судови, како приоритет. Процесот на назначување на судии и членови на регулаторните тела треба да биде внимателно анализиран и ревидиран во светлината на слични релевантни меѓународни практики'. Освртот на неправичната распределба на државните средства за кампањи која фаворизира медиумски групи блиски со Владата, исто така во голема мера ја изразува загриженоста и подигнатата свест на граѓаните за нетранспарентноста на трошењето на буџетските средства“, оценува д-р Тасева.
Владата молчи
Од Владата, и покрај ветувањето, не дадоа оценка за констатираните слабости, ниту за подготвеноста за имплементација на препораките од извештајот. Државата, од своја страна, доставила повеќе од триесетина коментари на наводите во извештајот на Ла Ру. Еве, на пример, како во еден од нив е објаснето насилното исфрлање на новинарите од собраниската сала на „црниот понеделник“.
„Што се однесува до настаните што се случија во Собранието на Република Македонија на 24 декември 2012 година, треба да се појасни дека при настаните во прашање не се работеше за 'новинари отстранети од салата на националниот парламент', туку тоа што всушност се случи е дека беше утврдено дека е неопходно да се посоветуваат новинарите да ја напуштат пленарната сала на Собранието додека условите за Собранието да продолжи со својата нормална работа и седницата не се стекнат повторно“, се вели во коментарот од државата.
Во однос на постојаните напади врз лицата од ЛГБТ заедницата, државата дала коментар дека „МВР презема активности со цел да се разјаснат инциденти поврзани со ЛГБТ активисти, како и да се идентификуваат и да се изведат извршителите пред лицето на правдата“, но не одговорила на забелешката дека до денес не е расветлен ниту еден од пријавените случаи на насилство.
Клучни препораки
Со цел да се обезбеди соодветно спроведување на нормите кои ја штитат слободата и независноста на медиумите, Ла Ру во извештајот дава повеќе препораки, меѓу кои и оваа: „Судските власти дополнително да бидат обучени за да се осигура дека Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда соодветно се применува, во согласност со меѓународните стандарди и јуриспруденцијата во однос на правото на слобода на мислење и изразување. Финансиските казни пропишани со законот треба да се ревидираат во светло на економската реалност на земјата. Државните функционери и политичкиот врв општо треба да се воздржат од систематското поднесување на судски тужби против истражувачките новинари и медиуми“.
Во една од клучните препораките се нагласува дека „државата треба да обезбеди независност на домашните судови, како приоритет. Процесот на назначување на судии и членови на регулаторните тела треба да биде внимателно анализиран и ревидиран во светлината на слични релевантни меѓународни практики. Финансиската и техничка автономија на судските тела треба целосно да се обезбеди“.
Меѓу другото, известувачот препорачува државата да осигура дека во секое регулаторно тело членството и работата ќе бидат заштитени од какво било мешање, особено од политички сили или економски интереси; целосно да биде заштитена независноста на здруженијата на новинарите и правото на новинарите да се приклучат на кое било кое здружение по свој избор; да се зајакне финансиската и административна самостојност на јавниот радиодифузен сервис; расходите за рекламирање од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија да бидат целосно транспарентни за јавноста, за да се обезбеди сигурност дека владините субвенции или трошоци за рекламирање не одат во полза на одредени медиуми или не генерираат зависност. Законот за следење на комуникациите треба да се измени за да се осигури дека е во согласност со домашните и меѓународните норми за заштита на правата на приватност и слобода на изразување. „Особено внимание мора да се посвети на обезбедување следењето на приватните комуникации да се случува само во најисклучителни околности и исклучиво под надзор на независна судска власт“, се вели во препораките.
За време на посетата, специјалниот известувач се сретна со министрите за надворешни и за внатрешни работи, за правда и за информатичко општество и јавна администрација, со претседателот на Собранието, со претседателите на Врховниот суд и на Уставниот суд, со Јавниот обвинител, со претседателот на Советот за радиодифузија, Народниот правобранител, како и со претставници на граѓанското општество. Ла Ру во извештајот ја изрази својата благодарност до Владата за поканата да ја посети земјата, но и своето разочарување поради тоа што, и покрај повторените барања, не добил можност да се сретне со новинарот Томислав Кежаровски кој беше во притвор за време на неговата посета.
Кежаровски и натаму е во домашен притвор, а со исклучок на министерот за правда Блерим Беџети, сите други соговорници на Ла Ру од извршната, законодавната и судската власт, и денес се на истите функции.