1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин - против ИД или за Асад?

Јури Решето / превод: З.Јордановски27 ноември 2015

Средбата меѓу рускиот и францускиот претседател дава надеж во борбата против ИД. Но, камен на сопнување останува прашањето за политичката судбина на сирискиот претседател Асад. Јури Решето смета: Штета за сите вмешани.

https://p.dw.com/p/1HDTi
Фотографија: picture alliance/AP Images/A. Druzhinin

Се обложивме во шише добро француско вино, за тоа колку долго Владимир Путин ќе го остави овојпат гостинот да чека? Половина час или уште подолго? Го загубивме облогот. Задоцни гостинот, францускиот претседател Франсоа Оланд. Путин мораше да чека - необично за него, но некако соодветно, ако се има предвид кој од кого навистина сака нешто.

Една вистинска, сплотена, решителна коалиција, оска на доброто на рамноправни партнери: Москва-Вашингтон-Лондон-Париз, предводена од Русите - тоа беше, е, и останува сон на Владимир Путин, откако на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк настапи со помирливи тонови во однос на Западот.

Еден бомбардира, никој не го фали

Неколку дена потоа шефот на Кремљ нареди да се фрлаат бомби врз Сирија и искрено се чудеше зошто светот не го разбира. Наместо пофалби и признание, дојдоа вербални осуди и недоверба. Западот се прашуваше кои се вистинските мотиви на Русите. Остана неисполнета желбата за респект.

Нападите во Париз ја променија ситуацијата. Русија му подава рака на Западот. „Мораме да соработуваме со Французите и да ги сметаме за сојузници“ - им нареди Путин на своите генерали. Тоа го посакуваа и многумина негови сонародници, оти независно од масивната пропаганда против Западот, најголемиот дел од Русите се чувствуваат повеќе како Европејци, отколку како Азијци. А Франција отсекогаш беше сон.

Rescheto Juri Kommentarbild App
Јури Решето, дописник на ДВ од Москва

И во Русија: „Ние сме Париз“

Така, кога терористите убија многу луѓе во Париз, беше искажана вистинска солидарност со Французите. Шокот поради нападите беше речиси поголем отколку ужасот поради соборувањето на руски патнички авион во Египет. Русите вистински тагуваа, обединети со Европа во несреќата. Повторно се укажа шансата за заедничка борба против теророт и покрај сите политички разлики.

Но, потоа дојде еден удар в лице - или бодеж в грб, како што го нарече Путин. Токму пријателска Турција го собори рускиот борбен авион; „подмолно“, рече Путин и зборуваше за предавство. Инцидентот во пограничниот регион меѓу Сирија и Турција се закануваше да биде искра и одненадеж се појави страв дека таа може да распламти нешто уште полошо. Москва повторно речиси беше потисната на маргините, изолирана од Западот - со кого сакаше да војува против ИД (Исламската држава).

„Драг Владимир“

Сепак излезе поинаку, благодарение на сонот на Путин, сон за силна коалиција против ИД. Но, благодарение и на решеноста на Оланд да влезе во таква коалиција со Русите. „Франсоа“ и „драг Владимир“, како што јавно меѓусебно си се обраќаа во Москва, направија отстапки еден на друг.

Оланд зборуваше за ИД и другите терористи, кои треба да бидат сузбивани - што беше цел на Москва од самиот почеток. Путин, пак, вети дека ќе ги остави намира умерените противници на сирискиот претседател Асад, кои исто така се борат против теророт. Само за една работа фронтовите останаа цврсти: Асад. Повеќе од јасно Путин кажа дека без сирискиот претседател не може да се добие борбата против ИД, и исто толку повеќе од јасно Оланд го изнесе ставот дека Асад мора да си оди.

Таа разлика може да ја уништи волјата за збратимување и да го остави Владимир Путин да чека наредна пригода за да биде на иста висина со Западот.