Грчко-македонскиот спор, тежок и лесен
27 јануари 2018Наближуваат денови кога се одлучува македонско-грчкиот спор за името на Македонија. Покрај противречните шпекулации за новите (стари) предлози на Нимиц, или нетактични или недобро сфатени изјави (на Ципрас, Васко Наумовски...), протести (Солун, Скопје, Австралија...) никогаш страните не биле толку блиску до договор, а сепак, иако одлуката изгледа како никогаш по лесна, таа ќе биде тешко изводлива во двете јавности нахранети со сопствените заблуди. Можеби затоа грчката страна инсистира за евентуалното компромисно име да не се организираат референдуми, како поради тешкотии да се убеди грчката јавност, уште повеќе поради македонската.
Со својата јавност нека се позанимаваат грчките политичари кај кои е дел од вината, но со македонската јавност покрај политичарите (оние кои со своите постапки во минатото ги усложнија работите), од некои заблуди треба да се ослободат и дел од интелектуалната елита и медиумите, кои во голема мера се виновни за ќорсокакот во кои досега беше доведена земјата, со сеење заблуди за идентитетското прашање кое стана главната пречка. Ако на идентитетското „мени“ треба нужно да се сварат „великашките" заблуди на Александар Велики, Хунзите, браќата Кирил и Методиј, Гоце Делчев и Тодор Александров, словенскиот јазик спроти античките корени...секако конфузијата во главите на луѓето никогаш нема да биде расчистена, бидејќи логиката вели едни со други некако не одат...Како пример на заблуденоста по ова прашање ми остави впечаток еден од новинарите познати по својата античка настроеност, кој во една своја емисија го прашува својот гостин скептик „Добро, што ни смета да бидеме антички Македонци?“ Прашањето има емотивна димензија (слепо верување во митови), политичка димензија, но пред се, научно-методолошка. Може ли логиката „Зошто да не бидеме...?“ да биде нучно-методолошки пристап кој последната деценија ја наметна политиката, што во вид на новокомпониран идентитетски инженеринг, што како манипулација, занемарувајќи убедливи обележја на идентитетот (јазик, досегашна национална самосвест, историски аргументи...)? Таа логика („Зошто да не...?“) зајакна толку што како резултат на тоа сега го имаме застанувањето на државата и самата политика како пресретна патрола на науката, наместо да биде обратно, и жесток отпор од некои кругови за било какво решение.
Во библиското премрежје
Целта на овој текст не е да ги разувери или да ги ослободи оние кои според мене сакаат да се самозалажуваат со убави приказни. Повеќе сакам да ја побијам нивната теза дека ако се промени името на државата со некоја додавка, ќе се загрозел идентитетот на македонскиот народ. Не е проблем тоа што самиот народ сѐ повеќе верува на такво нешто (народот секогаш може да биде жртва на манипулација), туку тоа што, надвор од секоја политичка или научна логика, веруваат и оние кои оваа теза ја измислија, иако е неодржлива. Во својот осврт поаѓам дури и од претпоставката да постои некаква врска на денешните етнички Македонци со Македонците на Филип и Александар, иако во такво нешто никој сериозен не би паднал во несвест, освен оние кои ја прифатија со две раце политичката манипулација и мит како здраво за готово вистина. Прашањата се следни:
Прво: дали македонскиот народ е посебен случај во светот кому би му се загрозил идентитетот ако се смени името на државата? Потпрашање: што биле Македонците кога низ вековите немале никаква држава? Како опстоиле до ден денес без држава или во империи и држави каде што Македонија не се водела ни како административен поим(во турско време ниеден пашалук не бил крстен по Македонија, а ниту за време на кралството на Југославија како бановина...)? Како е можно во светот да постојат држави, во кои мнозинскиот народ го нема воопшто коренот на името на својата држава?
Второ: дали толкавата поврзаност кон името на географска област, значи дека не постои и не може да постои македонски народ? Дали македонски народ може да постои само во рамките на таква географска именка, што би значело дека ако се надвор од неа, тие веќе не се Македонци?!
Трето: дали поборниците на ваква сплотеност на македонскиот идентитет со просторот (историјата вели дека како еден од јужнословенските народи кој се населил на Балканот, го прифатил името на просторот во кој се населил) и стравот од губење на идентитет со промена на името со географска додавка, самите не го ставаат под сомнеж идентитетот на македонскиот народ?
Идентитетот и државата
„Посебноста“ на случајот оди до слепо верување и до слепо бранење на нешто што ниту теоретски ниту практично не може да биде издржано. Не треба многу мудрување, туку едноставно само малку фрлање поглед низ светските искуства за да се дојде до констатација дека идентитетот на еден народ не зависел и не зависи од името на државата, бидејќи има еден паралелен развој (процес) во кој секако можат да се најдат причинско-последични резултати во секој посебен случај. Имало империи, кнежевства, кралевства, држави, кои го менувале името во зависност од историски околности и општествени реалности, како што исто низ слични процеси поминувале и самите народи. Неодамна напишав статус на Фејсбук како реакција на една изјава на македонски писател кој во духот на заблуднетите слеповерувачи на античките корени, направи паралела со друг древен народ, односно, кажа дека македонскиот народ може да се спореди единствен со еврејскиот народ, изумувајќи притоа дека токму во таа споредба е најтенок аргументот дека менувањето на името на државата го загрозува идентитетот на народот. Секако дека и името Израел е синоним на еврејска посебност, но секако дека е сепак различен од името на етносот. Прашањето е дали библискиот карактер на тој народ е загрозен од различното име на државата од она на народот? Еврејскиот народ е секако еден од постарите народи во светот, слично како античките Македонци, но судбината сакала тие да бидат распостранети низ цел свет, каде што постои јака свест за нивната посебност. Социолошко-верските посебности направиле тој идентитет никогаш да не биде загрозен без разлика каде живееле Евреите, но кога по сите историски патешествија низ вековите добија држава, таа е во корен различна од името на народот. Го поставува ли воопшто некој тоа прашање на идентитетот? Но ајде да се послужиме и со други примери. Александар Македонски, со победата над Дариј ја покорил Персија и Персијците како еден од древните народи кои ја задолжиле цела светска цивилизација. Персијците денес сочинуваат околу 65 отсто од жителите на нивната држава, која не се вика Персија, туку Иран! Во корен различно! Во Иран постои област Азербејџан, а притоа постои и држава со такво име надвор од Иран. Аналогијата меѓу држава Македонија и егејскиот дел од Македонија укажува на тоа дека географската одредница за Република Македонија само би ја уточнила реалноста дека таа не ги вклучува сите територии на Македонија. Го имаат кажано и други автори, дека токму таква реалност треба да ги натера бранителите на “Македонија цела“ да бараат име со географска одредница која, за да остане нивниот стремеж жив еден ден Македонија да биде цела макар што такво нешто е нереално.
„Дарот“ на политиката
Со библиските приказни денес се самозалажуваат одредени интелектуални кругови како вид на самосвест, притоа заборавајќи дека „дарот“ дојде од политиката, која од некакви чуди причини, преку ноќ одлучи идентитетот да го оддалечи од досегашната самосвест (словенски народ, словенски јазик), да го катапултира во минатото на географскиот простор (древна Македонија, антички Македонци). Смешната приказна можеби почна, со оние статуетки на Паско Кузман пред влада, а кулминираше со грандиозните статуи на Валентина Стефановска и компанија на Александар Македонски и Филип Втори со сите нивни „роднини“ во центарот на Скопје. Така им се бендиса на идеолозите на ВМРО-ДПМНЕ, партија во која идентитетските цик-цак движења се најчудни токму по идентитетското прашање. На почетокот на своето дејствување оваа партија ја обвинуваа како пробугарска, (идеолошко крило на основачите Лубчо Георгиевски-Доста Димовска, но не само нив), кое им стана низ годините голем товар, за да одеднаш новиот лидер Никола Груевски, во намера да се оддалечи од таквата идентификација на партијата, собра околу себе луѓе, што во партијата, што од науката, за да предат нов идентитетски штоф и за да се оддалечи од „заедничкото минато“ со останатите балкански словенски народи. Иако во нејзините пазуви ги има оние некогашни немалку по број членови со пробугарски сентимент за нивна самоидентификација (иако Доста веќе не е жива, а Љубчо маргинализиран), сепак на ВМРО-ДПМНЕ не и сметаше да го зајава Букефал на Александар и да спроведе политики за оддалечување од источниот сосед и другите словенски народи. Во таа насока, како поткрепа ќе се користат библиски приказни за древна Македонија, а во сферата на науката дури ќе се измислуваат нови теории на светската историја, како што е онаа за селидбите на словенските народи: сега во обратна насока, старословените не дошле на Балканот, туку од тука се селеле зад Карпатите, преку оној ист Дунав, преку кој негираат дека можеле со гранче во уста да го препливаат кон Балканот! Со тоа, „научно“ да се докаже дека античките Македонци го зборувале овој јазик што го зборуваат денешните Македонци, што значи станува збор за ист народ!
Име на држава, име на народ
Но да се вратиме на врската меѓу името и народот, и името на државата. Можеби еден од најинтересните примери е Шпанија, каде што најголемиот по бројност народ во етничка смисла не се Шпанците (кои не постојат во етничка смисла), туку Кастиљци, како и нивниот јазик и според уставот се нарекува кастиљски?! И во многу латино-американски држави јазикот, исто така, не се нарекува шпански, туку кастиљски.
Светот е шаренолик како што го создал Господ, со стотици народи и држави, па не е тешко да се најдат сличности и разлики меѓу нив. Но, и интересни случаи кои треба да служат за споредба. Во Бангладеш живее народот Бенгали кои зборуваат бенгалски. Во Авганистан народите кои живеат таму имаат различно име од државата и зборуваат на пример јазици дари (персиски) и пашту. Во Пакистан, каде што живееат и „роднините“ на Алекснадар, Хунзите, главни народи се Пунџаби, Паштунци, и Синди, а официјален јазик покрај англискиот е урду јазикот, а не постои урду народ! Европа и самото балканско опкружување врват од примери кои ги оставаат без аргументи слепите бранители на името на Република Македонија. Белгија е различно име од Фламанците и Валонците, Германци покрај во Германија, главен народ се и во Австрија и Литенштајн, Каталонци живеаат во Андора, а некогаш ниту една од државите не се нарекувала по името на народот (!!!), Срби се уставотвороен народ во држави со различни имиња (Србија, БиХ (Република срспка), Албанци покрај Албанија мнозинство се во држава Косово (Косово дури е по „албанско“ и од сама Албанија (во Албанија 82% се Албанци, а во Косово 92%!). Кога сме кај првите соседи на Македонците- Албанците, треба да се каже дека иако се сметаат за директни потомци на древните Илири, сепак нивното име еволуирало низ вековите (арбанаси, албани, до денешното shqiptarë). Никој нормален денес не предлага Албанците да го носат името на нивните предци.
Од друга страна, да го земеме примерот на Курдите. Што сѐ не би дале тие за да имаат своја држава, па нека таа се вика Северен, Јужен или не знам каков Курдистан. Но и без држава, идентитетот на тој народ не може да биде доведен во прашање. Така и идентитетот на македонскиот народ можел да ги надживее вековите ропство се до создавањето на држава Македонија, која патем кажано три пати го менувала името за неполн век: од Народна Република Македонија, па Социјалистичка Република до Република Македонија. Ако ја следиме логиката на бранителите на името, значи дека тие ја негираат самата историја.
Робување на митовите
Прашањето е од каде извира стравот дека би се загрозил македонскиот идентитет со географска додавка? Секако дека одговорот е во робувањето на митовите и тенденцијата на ексклузивитет на историското и културно наследство на антиката, како и новиот идентитетски инженеринг поттикнат од политиката со намера да се изгуби секаква трага на заедничко минато со другите јужнословенски народи од Балканот, а како најболна точка е избегнување на секаква помисла на можно заедничко минато со бугарскиот народ. Но, дури и во случај историските факти да говорат во прилог на потеклото на денешните Македонци од древните Македонци (кои мора да се каже дека се во сфера на желба), тоа не е доволен аргумент да се тврди дека некоја географска додавка ќе го загрози идентитетот. Во контекст на наследството на античките Македонци, државата Македонија има право да го негува, бидејќи дел на нејзината територија е во некогашна Македонија, но што се однесува до самите народи, може да се рече дека јазиците на некои други народи (Грците, Албанците, Власите...), се многу поблиску до јазикот на античките Македонци, одошто словенските јазици, во чија група несомнено спаѓа македонскиот јазик.
Ако се имаат предвид погоре укажаните искуства, несомнено е дека било кое име кое ќе го содржи името Македонија (Вардарска, Северна или Горна, па дури и Нова), во никој случај не го загрозува идентитетот. Дури и изведеното име на народот, само ќе укаже на припадноста на народот во таков простор (како во случајот на две Кореји, северокорејски или јужнокорејски, и слични примери), секако, ако не се сака самоидентификација со античките Македонци. За политичката тежина на решавањето на овој ирационален спор, и за надминувањето на досегашни ирационални позиции, не е потребно воопшто да се дискутира. Сите ги знаеме придобивките, освен ако некој нема други опции освен евроатлантските интеграции. Но подучени од минатото, македонскиот народ и не се офајдил многу, туку само бил распарчуван токму со помош на овие можни „алтернативни“ ориентации на кои се залажуваат некои наши кругови.
Ослободувањето од идентитетските заблуди и манипулативниот дискурс за политички профит, би требало и решението за спорот да го направи по едноставно и по безболно.