Да се укине имунитетот на ОН
2 јули 2010Недопирливоста и светското значење го оправдуваат имунитетот на ОН и тој е поважен од интересите на „Мајките од Сребреница“, шест илјади жени, чии мажи, синови и татковци се убиени во геноцидот, кој беше извршен во Сребреница пред 15 години. Вака отприлика гласеше неодамнешната пресуда на цивилниот суд во Хаг. За „Мајките од Сребреница“ тоа беше силна шлаканица. Поради тоа нивните адвокати од холандскиот суд побараа да биде укинат имунитетот на ОН.
Дали ОН се целосно неприкосновени?
Аксел Хагедорн, адвокат кој од 2007 година застапува шест илјади преживеани жртви во процесот против ОН, пред се` сака одговор на едно прашање: „Дали во рамките на ЕУ е прифатливо една организација, каква што се ОН, да има слободен простор за делување, а да не мора никому да одговара? Значи, да не одговара пред ниеден независен суд, без разлика што и да се случи.“
Доколку имунитетот на ОН навистина биде укинат, ќе се разјасни дали холандските војници во состав на мировните сили, со непреземањето адекватни мерки, го овозможиле масакрот во Сребреница. Холандските војници, кои по налог на ОН требаше да ја штитат зоната која тогаш имаше третман на заштитена, се обвинети дека ништо не презедоа и на тој начин овозможија непречен влез на босанските Срби на тогашниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кои подоцна ги одделија и убија мажите во Сребреница.
Да се разјасни улогата на ОН
Доколку се докаже соодговорност на сините шлемови, тогаш ќе следи исплата на оштета. Покрај надоместокот за „Мајките од Сребреница“, кои во масакрот ги загубија најблиските членови на своите семејства, адвокатот Хагедорн со тужбата сака да постигне уште нешто: „ОН, кои се` повеќе преземаат одговорност ширум светот и кои се присутни во различни региони, под итно мора да спроведат реформа. Таа е потребна за ОН да не дојдат во ситуација да се губи вербата во нив, да не се сметаат како една страна во војната, туку за организација која ги штити човековите права.“
Хагедорн е свесен дека со својата тужба става голем товар на грбот на највисокиот холандски суд: „Траумите од Сребреница во Холандија се‘ уште предизвикуваат многу тешка ситуација. Поради тоа е потребна силна потпора за да може да се спротиставиме на холандските чувства,“ нагласува адвокатот.
Доколку холандските судии не сакаат сами да ја донесат пресудата, на „Мајките од Сребреница“ и нивните адвокати и натаму им останува една надеж: Врховниот совет на холандскиот суд случајот ќе го проследи до Европскиот суд на правдата во Луксембург, кој е целосно ослободен од сите национални емоции.
Автор: Јирген Клајкамп/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска