Добро “деби“ на канцеларката Меркел пред Генералното собрание на ОН
26 септември 2007Доколку официјален Техеран не попушти по прашањето на атомската програма, тогаш Германија “решително ќе се заложи за натамошни, поостри санкции“ - порача Меркел во Њујорк.
Големите очекувања на делегатите на 62-то заседание на Генералното собрание за можен вербален дуел меѓу американскиот и иранскиот претседател не се остварија. Џорџ Буш делуваше незаинстересирано и главните теми како Иран и Ирак ги спомна само по пат. Неговиот огорчен соперник Махмуд Ахмадинеџад пак се изгуби во улогата на исламски проповедник, кој својата земја ја гледа како направедно обвинета и прогонета.
Дека проблемот со Иран треба да се сфати сериозно, пред се‘ опасноста од создадавње атомска бомба, на место Џурџ Буш го истакнаа новиот француски претседател Николас Саркози и германската канцелеарка Ангела Меркел. При тоа Саркози не се закануваше повторно со војна против Иран. Но, дека Западните земји ситуацијата со спорната атомска програма на официјален Техеран ја сметаат за критична стана јасно од излагањето на германската канцеларка. Доколку Иран создаде атомска бомба, Германија во тоа ќе гледа закана за постоењето на Израел, порача Меркел. Германија пак чувствува историска одговорност за израелскиот народ и држава. Во сегашната пат позиција канцеларката смета дека Техеран е должен да му докаже на Западот оти нема намера да произведува атомско оружје.
Тоа беа силни зборови за еден политичар кој за прв пат настапува пред Генералното собрание на ОН. Меркел меѓу другото апелираше директно и до САД да им се приклучат на настојувањата за ограничување на штетните гасови во акцијата за заштита на климата. Нема алтернатива за нов договор по углед на оној од Кјото, порача Меркел.
За разлика од овие темелни заложби, кои што беа концизни, јасни и проследени со соодветни аргументи и анализи, германската канцеларка се впушти во едно прашање каде желбите и реалноста прилично се разликуваат. Станува збор за желбата на Германија за постојано место во Советот за безбедност. САД и понатаму имаат одбивен став, а и меѓу членките на Светската организација се‘ уште владее поделеност околу реформата на ОН и проширувањето на Советот за безбедност. Во секој случај Меркел требаше да се откаже од ваквото пледоаје најдоцна по јасната изјава на американскиот претседател пред Генералното собрание, дека тој само Јапонија ја смета за соодветен кандидат за нов постојан член на Советот. Тоа беше секако шлаканица за германската влада, на која не и‘ останува ништо друго освен и понатаму да мечтае и да аргументира.
Во секој случај јаснотијата и прецизноста на германската канцеларка добро ќе им дојде на ОН. За среќа таквиот пристап се поклопува и со оној на новиот генерален секретар на Светската организација Бан Ки Мун. И тој и Меркел бараат ООН да ја дефинираат меѓународни обврски што ќе се исполнуваат, а не општи заложби и празни ветувања. Прва тема на која новиот дух ќе дојде на проверка е самитот за климата во Бали, закажан за декември.