1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ во Советот за безбедност на ОН: израелската акција е недвосмислено несразмерна

5 октомври 2004

ЕУ и низа други земји во Советот за безбедност на ОН побараа од Израел да ги запре нападите во населени подрачја во кои загинаа многумина невини цивили. Истовремено, од Палестинците е побарано да запрат со ракетните напади врз израелска територија.

https://p.dw.com/p/Ad3i
Јасер Аарафат би се повлекол од функцијата по основање независна држава Палестина
Јасер Аарафат би се повлекол од функцијата по основање независна држава ПалестинаФотографија: AP

Претседателот на Палестинците Јасер Арафат навести дека ќе се повлече од функцијата откако ќе биде основана слободна и суверена држава Палестина. Во интервју за еден арапски весник што излегува во Лондон, Арафат вели дека е подготвен да биде втор Мандела, односно да ја преземе претседателската функција по основањето палестинска држава, а потоа да му ја препушти на друг. Но, тој не ја прецизира временската рамка во која би се повлекол од функцијата.

Во меѓувреме, на палестинските територии и натаму трае акцијата на израелската војска. Синоќа имаше жртви на обете страни – најмалку 4-ца Палестинци и еден Израелец. Денеска Израелците убија едно 13-годишно девојче кое одело кон училиштето. Во шестдневната израелска воена офанзива во појасот на Газа, најкрвава од почетокот на интифадата пред 4 години, се убиени 80-ина Палестинци.

Секогаш е исто кога ситуацијата на Блискиот исток ескалира: Арапската лига во име на Палестинците побара вонредна седница на Советот за безбедност за да го жигоса Израел пред целиот свет. Неговиот амбасадор, пак, во вообичаената остра форма ја бранеше големата офанзива на израелската армија: “Додека ние зборуваме, ракети од Газа се лансираат врз недолжни цивили за да ги тероризираат.Тоа е ситуација која не може да ја толерира ниедна земја која е застапена на оваа маса” – рече Дан Гилерман.

Во јавната дебата исламските држави му префрлија на Израел дека со нападите врз населени подрачја, при кои исто така биле убиени невини цивили, врши воени злосторства и практикува државен тероризам. Нема разлика меѓу бомба во автобус и тенковска граната врз населена куќа, направи екстремна споредба алжирскиот амбасадор. Претставникот на Пакистан беше поумерен во тонот, но не и во суштината: “Советот за безбедност има политичка и морална одговорност да го повика Израел на повлекување на трупите од појасот на Газа. Израел мора да престане меѓу Палестинците да носи смрт и разорување” – рече амбасадорот Мунир Бакрам.

И ЕУ искажа критика на адреса на Израел поради офанзивата. Во заедничката изјава, навистина,е побарано и од палестинските власти да преземат мерки против одговорните за терористичките и ракетните напади. Но, израелската акција е недвосмислено несразмерна, оцени Унијата. Германскиот амбасадор Гунтер Плојгер побара да се почитува меѓународното право: “Израел несомнено има право на самодобрана, како и да ги штити своите граѓани од милитантни напади. Истовремено, меѓутоа, ние веруваме дека тоа право мора да се врши во рамките на меѓународните закони” – рече Плојгер.

Како и честопати, и сега Советот за безбедност не беше повеќе од јавен форум, еден вид вентил за да се ослободат од притисокот возбудените критичари на Израел. Но, не е на повидок донесување меѓународно-правно обврзувачка резолуција на Советот. Нацртот поднесен од Алжир е неурамнотежен, оцени американскиот претставник Џон Денфорт: “Оваа резолуција не е пат кон мирот, туку натамошен чекор на патот кон никаде. Кругот на насилството е како секогаш: една страна дејствува, другата страна реагира и тоа така постојано оди напред”.

Се‘ додека САД се закануваат со вето, нема да биде донесена критичка резолуција за Израел, уште повеќе што и други членови на Советот го означија нацртот како едностран, бидејќи не содржи осуда и на терористичките напади од Палестинците. Преговорите околу компромисни формулации ќе продолжат и денеска.