ЕУ: Посебен суд за воени злосторства на Косово
5 април 2014Канцеларијата на Европската унија за Радиотелевизија Косово (РТК) потврди дека не се работи на формирање трибунал, туку на посебен суд во рамки на судскиот систем на Косово.
„Овој суд би имал седиште на Косово, но чувствителните работи, како што е сослушување на сведоците, би се одвивале надвор од Косово, поради самата природа на обвиненијата“, се наведува во писмениот одговор од Канцеларијата на ЕУ.
ЕУ наведува дека тој суд не е насочен против Косово, Ослободителната војска на Косово или природата на војната, туку станува збор за истраги по повод сомневањата за тешки индивидуални злосторства.
„Судот ќе биде формиран откако Косово и ЕУ ќе разменат писма во врска со Специјалната истражувачка единица и мандатот на Еулекс, и по гласањето за тоа во Парламентот на Косово“, пишува во одговорот на Канцеларијата на ЕУ.