Запрен конвојот со помош за Хомс
9 февруари 2014Откако вчера беше пукано врз возилата на ОН и на сириската Црвена полумесечина, привремено е стопиран транспортот на животни намирници за луѓето кои се наоѓаат во стариот дел на Хомс и кои се опколени веќе 1,5 година. Во моментов не е можно да се транспортира помошта во планираниот обем, изјави портпарол на надлежната Канцеларија на ОН за координација. „Хуманитарците мораа да остават дури два камиона“, изјави Јенс Лерке денеска (9.02) во Женева. Тој не може да даде информација кога транспортот би продолжил и во колкав обем.
Вчера, за време на транспортот, четворица хуманитарци беа повредени од истрели. Црвената полумесечина соопшти дека до луѓето во Хомс стигнале околу 250 пакети со животни намирници и 190 пакети со средства за лична хигиена.
Стариот дел на Хомс е под опсада на сириските владини сили од средината на 2012 година. Во зоната на конфликт се опколени околу 2500 луѓе. Нивната состојба важи за критична. Активистите тврдат дека тие страдаат од глад. Во петокот (7.02) околу 80 цивили - жени, деца и постари мажи - добија дозвола да го напуштат градот. Хуманитарната помош за Хомс е важен предуслов за втората рудна мировни преговори за Сирија, кои се одвиваат во Женева. Втората рунда треба да почне утре. Првата рунда заврши на крајот на јануари без опипливи резултати.