Изборите на Косово на 11 или 18 јуни
11 мај 2017Предвремените избори на Косово ќе бидат одржани на 11 или на 18 јуни, објавено е денеска по состанокот на косовскиот претседател Хашим Тачи со претставниците на сите политички субјекти и релевантни институции. Повеќето учесници на состанокот се изјасниле за опцијата изборите да се одржат на 11 јуни. Конечната одлука за одржување на изборите ќе биде донесена во текот на наредните денови во договор со Централната изборна комисија, Медиумите наведуваат дека на состанокот не бил присутен претставник на Демократскиот сојуз на Косово, на сега веќе премиерот во заминување Иса Мустафа.
Косовскиот парламент вчера ѝ изгласа недоверба на владата. На вонредна седница на парламентот против владата на Мустафа гласаа 78 пратеници додека 25 му изгласаа доверба на владиниот кабинет. Согласно уставот на западнобалканската земја која повеќе од една година се наоѓа во длабока политичка криза , предвремени избори треба да се одржат во рок од 45 дена. Работата на владејачката коалиција во последно време беше оптоварено од спорот меѓу двата најголеми партнери- Демократската партија на Косово на Тачи и Демократскиот сојуз на Косово на Мустафа.
Главна причина за барањето за гласање на недоверба на владата доставено од три опозицициски партии беше спорниот договор за демаркација на границата со Црна Гора, со кој би требало да се надмине една од најважните пречки за визната либерализација за косовските граѓани од страна на Европската унија.
Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан вчера изрази жалење поради изгласувањето недоверба на косовската влада. „Политичките лидери и институции не смеат од предвид да ги изгубат големите предизвици со кои се соочува Косово“, порача Хан преку социјалната мрежа Твитер.