Ирачаните очекуваа повеќе од новата резолуција на ОН
26 мај 2004Новата резолуција на ОН не им влева големи надежи за конкретни подобрувања на нивната ситуација, а повеќето граѓани на Ирак сметаат дека се додека во земјата има американски војници нема да бидат поштедени од секојдневни атентати и престрелки, во кои најмногу страда недолжното население.
Ирачаните се гневни на окупаторските сили. Во Наџаф протестираа голем број муслимани против сквернавењето на нивното светилиште. Силите на коалицијата наводно истрелале граната или ракета што ја погодила џамијата, која се смета за голема светост. Општото расоположение е анти-американско.
Претседателот на Преодниот ирачки совет ја критизира и најновата резолуцијата на ОН, што ја поднесоа Американците и Британците:
“Таа содржи помалку од она што го очекувавме. Се надеваме дека нашите очекувања ќе бидат внесени во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“ - вели Гази Аѓил Ал Јавар.
Неговиот колега задолжен за одбрамбени прашања во Преодниот совет, Али Алави, на разговорите во Лондон најави скорешно создавање сопствена армија:
“Кога е во прашање рокот за останување на странските сили што треба да ни помогнат да создадеме сопствени сили за безбедност, сметам дека ќе станува збор за месеци, а не за години. Сметам дека би било многу невообичаено да не успееме да обезбедиме сигурност во текот на наредната година.“
Премиерот Тони Блер не сакаше да се обврзе на никаков временски план за повлекување на британските војници од Ирак и нагласи дека тие ќе останат се додека не биде завршена работата:
“По 30 јуни ќе има полн трансфер на сувереноста врз ирачката влада. И луѓето кои ќе седат во неа ќе бидат тие кои ќе решат дали да останат странските сили.“
Ако не американските и британските војници, во меѓувреме е сигурно дека ќе се повлече нивниот командант – генералот Рикардо Санчез. Пентагон ги потврди информациите на повеќе американски медиуми дека главниот командант на американската армија за Ирак ќе биде сменет. При тоа американската армија нагласува дека станува збор за рутинска промена по 14 месеци што Санчез ги мина на оваа чувствителна позиција и решително ги демантира сите информации дека неговото заминување има каква и да е поврзаност со обвинувањата дека бил одговорен за измачувањата на ирачките затвореници. Но, веќе самиот факт дека Пентагон не најде нова функција за генералот Санчез ги наведува американските медиуми да го сметаат за прва жртва од голем калибар на скандалот со измачувањата.