Истанбул меѓу водените топови и бесот
1 јуни 2013Полицијата во Истанбул со сила растури протест на луѓето против градежен проект во паркот Гези на централниот плоштад Таксим. Против демонстрантите уште во четвртокот (30.05) беа употребени водени топови и солзавец, за тие да бидат растерани кон маргините на плоштадот Таксим. Вчера (31.05) се случи истата насилна слика: илјадници луѓе се солидаризираа со демонстрантите и излегоа на протести на улиците. Ноќеска се одржани демонстрации и во главниот град Анкара, како и во други поголеми градови, во кои исто така полицијата интервенирала.
Ситуацијата ескалира
Хотелите, како Хилтон или Мармара, на централниот плоштад Таксим во Истанбул, за време на протестите ги отворија вратите за да ги примат демонстрантите кои бегаа.
„Полицијата фрлаше бомби со солзавец дури и во фоајеата на хотелите“, изјави човек од службата за безбедност на хотелот Мармара за Дојче веле.
За повредените се грижел хотелскиот лекар. Тие се здобиле со повреди од удар и пречки во дишењето од бројните бомби со солзавец, кои полицијата безобѕирно ги фрлала во масата.
„Ние одевме во пресрет на полицијата, која ни нареди да се вратиме. Без отпор ја послушавме наредбата, но во тој момент одназад не‘ погодија две бомби со солзавец“, вели една демонстрантка за Дојче веле.
Дрвја наместо трговски центар
Демонстрантите на почетокот на неделата подигнаа мирен протестен камп, обидувајќи се да спречат сечење на дрвјата во Гези-паркот заради изградба на трговски центар. Екологистите критикуваат што во Истанбул има се‘ помалку зелени површини кои се жртвувани во изградбата на објекти.
Премиерот Реџеп Таип Ердоган нареди продолжување на плановите за изградба во паркот Гези во Истанбул, без оглед на протестите. Во меѓувреме, еден управен суд во Истанбул се изјасни против плановите за градба на владата на Ердоган.
Навредувачки повици против Ердоган
„Бесни сме што нашиот премиер во последниве години си дозволува премногу. Оваа недела тој ја прелеа чашата“, изјави еден од демонстрантите. Не се работи веќе за спасувањето на дрвјата во паркот, „овде се работи за човековите права, за кои ние се бориме“, нагласува една демонстрантка.
Начинот на постапување кон демонстрантите нема ништо заедничко со демократијата, изјави еден од учесниците на протестите за Дојче веле:
„Светот нека погледне кон Турција, ве молам, да види што ни прави Ердоган“.
Безредијата немаат крај
Луѓето во Истанбул покажуваат неуморност. На истрајност се повикува и преку социјалните мрежи.
„Нема спиење, одиме понатаму, надвор на улиците на Истанбул“, пишуваат демонстрантите на Фејсбук.
Во идните денови се очекуваат натамошни протести. И во другите турски градови, како Измир и Анкара, луѓето излегуваат на улици. Комуникацијата се одвива преку Твитер, меѓу другото на пример и информациите во кои болници можат да бидат пренесени повредените.