1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се вработат повеќе инвалиди?

Милчо Јованоски3 декември 2014

Трети декември е меѓународен ден на лица со посебни потреби. Секогаш одново повод за размислување - како овие лица да се интегрираат подобро, особено на пазарот на работна сила во РМ. Закон постои, а предложен е нов.

https://p.dw.com/p/1Dydf
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Најголемиот дел од лицата со посебни потреби во Македонија и натаму живеат меѓу четири ѕида. Тие, на кои здравјето и попреченоста им дозволуваат да работат, тешко можат да го остварат тоа право. Транзицијата удри кајшто е најтенко. До средината на деведесеттите години од минатиот век, секој град имаше фирма или заштитна работилница во која се вработуваа инвалиди. Некои фирми постојат, има и нови, но бројот на ангажираните не е како порано. Министерството за труд и социјална политика евидентирало 291-но заштитно трговско друштво со 6.741 вработени од кои 2.455 се инвалиди. Ги има се’ повеќе и почесто во општинските и државната администрација.

Инвалидите и фирмите - секој со својот интерес

Во печатницата „Коста Абраш“ од Охрид имаат и позитивни и во одредени периоди негативни искуства со вработување на инвалидизирани лица.

„Законите за минимална плата и за исплата на К-15 ги сметаме за позитивни одлуки на Владата, но во новите услови и со ефектите што се постигнуваат со инвалидизираните лица нашата печатница, а веруваме дека и ред слични фирми тешко можат да се снајдат. Цените на услугите паѓаат и се раѓа дилемата - да вработите инвалид или работоспособна личност“, велат менаџерите.

Порано во погонот картонажа работеле до 50, а сега работат само 20 работници. Во печатницата велат дека никогаш не си поиграле со чувствата на инвалидизираните лица како што прават некои фирми, односно ги имаат на платен список, ги искористуваат придобивките од државата и не ги вклучуваат во производството.

Сузана Неделкоска, една од десетината инвалиди ангажирани во картонажата, 34 години работи во истиот погон и кусо вели: „Работата воопшто не ми е тешка. Задоволна сум што ми се даде шанса да работам и сама да си го заработувам лебот. Не сум на товар на државата и семејството, тоа е најважно.“

Suzana Nedelkoska Mitarbeiterin der Druckerei Kosta Abras in Ohrid
Сузана Неделкоска работи во истиот погон 34 годиниФотографија: DW/M. Jovanovski

Но не е секаде така мазно. Даниела Стојаноска - Џинговска од Скопје, претседател на Здружението на студенти и младинци со хендикеп, потенцира: „Се' уште се случуваат разни злоупотреби. Сопствениците ги пријавуваат работниците, потоа или ги отпуштаат или им даваат минимална плата. Често вработените половина од платата се принудени да ја подигнат и да им ја вратат на газдите. Се’ почесто жртвите – инвалиди зборуваат отворено за ова. За среќа, многу здуженија им нудат бесплатна правна помош, а и ние, доколку дојде до судска постапка, им помагаме на тужителите со охрабрување и сведочиме ако е потребно.“

Џинговска е среќна што шансите за вработување на сите категории инвалиди во Македонија се зголемуваат, но сака таквите конкурси да бидат почести и потранспарентни за сите.

Во хотелот наменет за инвалиди, работат инвалиди

Славица Стефаноска е секретар на Здружението на глуви и наглуви лица и директор на хотелот „Даљан“ во Охрид, кој е еден од ретките на Балканот во кого работат лица со инвалидитет и е регистриран како заштитна фирма. „Даљан“ од 1975 година работи како одморалиште за лица со оштетен слух, но го користат сите инвалидни организации во Македонија. Од 2007 година хотелот е заштитно друштво. Тоа значи дека половина од персоналот се лица со хендикеп. Моето искуство е многу позитивно во однос на ангажманот на лицата со инвалидитет. Тие се мошне одговорни во работењето. Сметам дека во објектот чиј приоритет е одмор на лицата со хендикеп, каде што тие наоѓаат парче мир, важно е и лицата со инвалидитет да најдат вработување. Не беше лесно лицата со општо образование од специјално училиште, на пример за глуви, да ги вклопиме во хотелското работење. Но, кога се сака, се успева. Три лица со оштетен слух веќе работат во кујната, од кои еден е готвач на смена, една собарка и еден хаусмајстор. Комуникацијата меѓу нив и останатите вработени се одвива на јазикот на знаците. Тоа е навистина специфично и ретко каде го има тоа.“

Расчекор меѓу запишаното, предложеното и состојбата во секојдневието

„За инвалидите и особено правото за работа се’ погласно се зборува,“ вели Софка Прчева, генерален секретар на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – МОБИЛНОСТ: „ Уште во 2000 година учествувавме во подготовката, изработката и донесувањето на законот за вработување на инвалиди по кој се вработија над 2500 инвалиди. Ние сме релативно задоволни од постигнатото. Во постапка е донесувањето на нов Закон за вработување на инвалиди. Како Сојуз гледаме со резерва на новините кои се предвидени. Особено сме резервирани кон идејата за воведување квотен систем за вработување на инвалиди. Во земјите во кои е веќе воведен овој начин искуствата покажуваат дека не се постигнати очекуваните резултати. Доставивме забелешки до Министерството за труд и социјална политика и се надеваме дека дел од сугестиите ќе бидат вградени во новото законско решение. Досега при вработување на лице со инвалидитет работодавачите беа ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси од бруто платата. Заштитните друштва кои вработуваат 60 отсто инвалиди имаа право да добијат и финансии за адаптација изразени во одреден број просечни плати, а сега фирмите во кои има над 35 вработени ќе мораат да вработат по едно инвалидно лице. Доколку не вработат, ќе плаќаат пенали во посебен фонд, од каде собраните средства би се користеле за вработување на инвалидни лица во иднина. Казната е само нето просечна плата од 9.500 денари. Искуството од државите во регионот покажува дека фирмите побрзо се одлучуваат да платат казна, отколку да вработат инвалид. На тој начин се плашиме дека наместо поттик ќе дојде до назадување на процесот на вработување на оваа категорија граѓани“, смета Прчева.

Symbolbild Behinderung
Фотографија: Fotolia/apops

Владата смета дека со новиот закон ќе се вработат над 5000 инвалиди

Напротив, предлагачот на новиот закон, Министерството за труд и социјала на РМ, смета дека преку него ќе се дојде дојде до поефикасен систем за вработување на лица со инвалидност. Државата предвидува низа погодности за работодавачите. „Од посебниот Фонд за адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице, ќе бидат дадени најмногу до 200.000 денари. На инвалидно лице кое самостојно ќе врши дејност како трговец поединец ќе му се доделат средства за негово вработување на неопределено време најмногу до 300.000 денари. Заштитните друштва ќе се основаат и работат исто како и досега, како трговски претпријатија. На правно лице кое е заштитно друштво, ќе му се доделат средства од Фондот за адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице, најмногу до 300.000 денари. Направена е проценка дека 2.059 работодавачи имаат над 35 вработени и со примена на квотниот систем би се вработиле над 5.000 лица. Само во јавниот сектор ќе се вработат околу 1.700 лица”, рече неодамна министерот Диме Спасов.

Друга значајна новина во законот е уредувањето на професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност. Доколку оди се‘ според замислите новиот закон би влегол во сила од 1 октомври 2016 година.