1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до компромис меѓу ЕУ и Ципрас?

Зоран Јордановски30 јануари 2015

Европа не посакуваше ваков исход на изборите во Грција. Сега ќе треба некако да се аранжира со левичарската влада и да изгради однос со Алексис Ципрас. Како би можеле да изгледаат идните релации меѓу Брисел и Атина?

https://p.dw.com/p/1ETPB
Фотографија: picture-alliance/dpa/Michael Kappeler

Страшилото за европскиот политички естаблишмент во „старата Европа“ сега - и покрај сите обиди да се влијае врз определувањето на грчките избирачи - нему му стана, барем формално, рамноправен соговорник. Mеѓу главните причини за таквиот однос, освен опасноста да се наруши и онака несигурната конструкција за спасување на еврото и на монетарната унија, беше и заканата да се растресе децениски градениот систем на партии околу центарот и политичка аристократија која живее во друг филм од оној на нејзината избирачка база. Грција е можеби и екстремен пример за тоа, и таа база, под товар на мерките за штедење се побуни, гласаше за промени. Европскиот политички естаблишмент стравува од хорор сценарио - денес Сириза, утре можеби Подемос во Шпанија или Фрон насионал во Франција. Тој естаблишмент, кој изгледа уигран со банкарите, со должничката криза ќе се справува како-така, но сега станува реална опасноста од домино-ефект, негово развластување и тектонски политички поместувања. Наредниот период ќе биде возбудлив, а првите потези ќе уследат веќе наскоро, деновиве.

Но, сега се наметнува прашањето: како би можел да изгледа развојот на настаните? Ципрас на избирачите им вети сосем спротивен курс за надминување на кризата од оној на досегашниот премиер Самарас, диктиран од меѓународните кредитори. Како ќе реагираат кредиторите?

Факт е дека стартните позиции се крајно спротивставени, но малку е веројатно дека некој ќе може целосно да ги реализира своите барања. Ципрас нема голем маневарски простор - за неговата социјална програма потребни се многу пари, а во државната каса ги нема доволно ни за најосновните тековни потреби. Згора на тоа, годинава достасува рокот за отплата на кредити во износ од 11 милијарди евра.

Но, и кредиторите - ЕУ, ММФ и ЕЦБ - секако знаат дека Грција веројатно никогаш не ќе може да го отплати долгот од речиси 350 милијарди евра, но упорно го бараат тоа и одбиваат ново отпишување на дел од товарот, оти ја уверуваа јавноста дека спасувањето на Грција на крајот ќе биде и добар бизнис. Грција не може да уценува оти е притисната до ѕид, заканата со евентуално напуштање на еврозоната веќе нема таква сила како пред неколку години. Економската логика и политичкиот разум велат дека ќе бидат неопходни разговори и компромиси. Тие секако на обете страни ќе им донесат по некој минус кај избирачите, но многу е неизвесно дали ќе значат плус за иднината на обединета Европа.

Како ќе изгледаат идните релации меѓу Брисел и Атина?