Караџиќ наскоро пред Трибуналот на ОН?
23 јули 2008Околу 300 млади демонстранти синоќа и покрај забраната се собраа во центарот на Белград. Тие фрлаа со шишиња, столици од околните ресторани и факели врз полицијата. Дел од насилните демонстранти беа уапсени.
Радован Караџиќ веројатно деновиве ќе стигне во Хашкиот трибунал, кој го обвинува за воени злосторства за време на босанската војна од 1992 до 1995 година.
Истражниот судија во Белград одреди израчувањена Караџиќ во Ден Хаг, каде против 63 годишниот ќе се води процес. Најтешките обвинувања против Караџиќ се опсадата на Сараево и масакрот во Сребреница, кога босанските Срби убија околу осум илјади муслимани.
Караџиќ според српските власти бил надворешно изменет, со бела брада и коса и очила, што го правело целосно непрепознатлив. Во последно време се занимавал со алтернативна медицина во една приватна белградска клиника под името Драган Дабиќ.
Претседателот на Националниот совет на Србија за соработка со Хашкиот Трибунал, Расим Љајиќ синоќа го демантираше тврдењето на адвокатот на Караџиќ, Светозар Вујачиќ, според кого неговиот клиент бил уапсен уште во петокот. Љајиќ не сакаше да изнесува детали за апсењето, освен дека тоа се случило во понеделникот попладнето. Наредните денови многу од дилемите и деталите ќе бидат познати, најави Љајиќ.
Според него, политичка волја за израчување на обвинетите од Србија постоела и порано, за што зборува фактот што во Хаг се испратени 44 обвинети, остануваат уште двајца, Ратко Младиќ и Горан Хаџиќ.