1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери со понуда до Лавров за Украина

ЕМФ/ард14 март 2014

Два дена пред одржувањето на референдумот за приклучување на Крим на Русија, американскиот министер за надворешни работи Џон Кери по трет пат во последните 10 дена ќе разговара со рускиот колега Сергеј Лавров.

https://p.dw.com/p/1BPbn
Фотографија: Kevin Lamarque/AFP/Getty Images

Целта на разговорот на Џон Кери и Сергеј Лавров во Лондон е Русија да биде придвижена во насока на компромис кој не предвидува целосно припојување на Крим. Од Белата куќа веќе доаѓаат информации за стратегијата на САД во однос на Русија. Кери му понудил на Лавров меѓународната заедница да признае дека Русија има „легитимни“ интереси и морнаричка база во Украина, соопшти портпаролот на американската влада Џеј Карни. Исто така, светот треба да признае дека двете земји имаат длабоки културни врски поради етничките Руси кои живеат во Украина.

Освен тоа, со „робустна“ набљудувачка мисија би требало да се обезбеди почитување и на украинските и на руските интереси, вели Карни. На тој начин Вашингтон всушност реагира на обвинувањата на Москва дека етничките Руси во Украина би биле третирани нефер.

Закани во куферот

Кери, сепак, во својот дипломаткси куфер носи и јасна закана - доколку Русија го анектира Крим и го прифати прорускиот референдум на Крим, Москва ќе мора да смета со низа сеирозни чекори од страна на САД и ЕУ, кои би биле преземени веќе од понеделник. Притоа, ќе следуваат политички и економски консеквенции.

Arseniy Yatsenyuk in New York
Арсениј Јацењук во ЊујоркФотографија: picture-alliance/dpa

Апел до Русија за почеток на „вистински преговори“ упати и украинскиот премиер Арсениј Јацењук. На итна седница на Советот за безбедност на ОН, тој од Москва побара да ги повлече своите војници на Крим во касарните. „Изложени сме на воена агресија од страна на нашиот сосед“, рече Јацењук. Русија „без причина, без повод“ вмарширала во Украина, тврди Јацењук, кој ја обвини Москва дека со постапките на Крим ги попречува напорите за светско нуклеарно разоружување.

Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин објасни: „Русија не сака војна, тоа не го сакаат Русите, а убеден сум ниту Украинците.“ На барањето на Јацењук за враќање на преговарачка маса, Чуркин не се осврна. Наместо тоа тој го критикуваше „противуставното“ насилно соборување на Јанукович од власт. Оттука, референдумот на Крим, како што рече, е законски.