Кипарскиот проблем има приоритет пред грчко-македонскиот во ОН
15 јануари 2011Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун на својата прва прес-конференција годинава во седиштето на Светската организација во Њујорк изјави дека очекува тековната година да биде добра за решавање на кипарското прашање.
„На кипарските лидери им дадов уште 9 недели да ги разрешат отворените проблеми пред повторно да се сретнеме во Женева“, изјави Бан.
Според турскиот новинар Доан Улуч, долгодишен известувач од ОН и дописник на весникот „Хуриет“ постојат сличности меѓу македонскиот и кипарскиот проблем, но тој посочува и на една битна разлика.
„За разлика од Македонија, Кипар оваа година ќе биде на врвот на приоритетите на Генералниот секретар Бан, бидејќи првиот човек на светската организација бара политички успех, а за решавање на проблемот е заинтересирана и ЕУ“, објаснува Улуч.
Без рокови за Атина и Скопје
Сепак, на Бан, по се изгледа не му се брза толку кога е во прашање грчко-македонскиот спор. Запрашан дали планира да им даде некој рок на Скопје и Атина за да се забрза изнаоѓањето решение, Бан се повика на принципи.
„Најпрво се работи за принцип дека не е пожелно да се даваат рокови во ваков вид на спорови“, рече Бан. Според него, сега е време да се донесе одлука која ќе биде прифатлива за двете страни, со посредство на посредникот Метју Нимиц.
Турскиот новинар Улуч смета дека не е реално да се очекува напредок на следната рунда преговори меѓу Скопје и Атина во Њујорк, затоа што грчката страна веќе најавила дека тоа ќе бидат само про-форма разговори.
„Бан Ки Мун нема никакви намери сега да го решава тој проблем, така што грчко-македонскиот спор би можел да потрае уште извесно време. На овој генерален секретар не му е потребен уште еден пробем“, тврди турскиот новинар Улуч.
Автор: Ерол Авдовиќ
Редактор: Борис Георгиевски