1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога воените колони ќе ги заменат автомобилите

Тим Крон (ард)/ Александра Трајковска30 август 2014

Во милионските градови на истокот на Украина населението се надева дека ќе завршат борбите. Стотици ијлади луѓе во Доњецк или Луганск живеат без вода, струја и пари. Кој може, бега од регионот или дури од земјата.

https://p.dw.com/p/1D1IP
Фотографија: D.Dilkoff/AFP/Getty Images

Лана Михаилова си замина од Доњецк, по 40 години минати во градот. Милионскиот град на истокот на Украина всушност има итна потреба од лекарки како неа. Но, пред две недели за нејзе беше дефинитивно крај. Михаилова си ги спакува работите и замина, побегна кај роднини во Литванија. „Ние не знаевме што всушност значи војна“, вели таа. „Не можевме да се навикнеме на тоа“.

Оваа 44-годишна жена, спортски медицинар од Доњецк, е една од околу илјада луѓе дневно кои бегаат од војната. Обединетите нации во меѓувреме говорат за 3,9 милиони луѓе, кои се непосредно погодени од борбите во Украина.

Луѓето во Доњецк, известува Лана, се во шок. „Никој од моите колеги на работа не можеше да си замисли, дека такво нешто може да се случи тука“. Впрочем Доњецк е милионски град и околу два милиони граѓани сега постојано слушале истрели и експлозии, без точно да знаат каде и кого го погодиле.

Бука од оклопните возила, ракетни фрлачи и гранати - сето тоа негативно се одразува. Марија, нејзината 14-годишна ќерка, имала енормни симптоми на стрес, појаснува лекарката. На почетокот се обидувале да се залажат дека нема да биде толку страшно. „Но потоа изумре целиот град. Исчезнаа автомобилите, луѓето си заминаа. Забележавме дека нашиот град е запоседнат! Кога со ќерка ми застанав на балконот и ги видов целите воени колони, тогаш сфатив: Сега мораме да побегнеме“.

Инфраструктурата на истокот на Украина е одамна уништена. Струја речиси и нема, а вода честопати има само за неколку часа. Михаилова раскажува за нејзините стари соседи, како со кофи излегувале во надеж дека ќе добијат малку вода.

Ostukraine Krise Donezk 18.08.2014
Водата во Доњецк стана реткостФотографија: D.Dilkoff/AFP/Getty Images

„Колку што можевме складиравме тарана, месо, сол и шеќер. Секој носеше дома толку колку што можеше да си дозволи“. Но, во последно време и тоа не беше можно. „Банкарските автомати не работат, платите не се исплаќаат и регалите се празни. Банките беа ограбени“. Вооружени бандити ги земале парите, како што рекле, за „револуцијата“.

Лана Михаилова е спортски тип и ништо на неа не делува дека донесува пребрзи пресуди. Но, по едно прашање таа има многу јасни зборови. Самонаречените сепаратисти, вели таа, треба само да се погледнат и се гледа - осум години училиште и бесперспективна празнина. Да, „бандитите“ може да се препознаат по нивните лица, оценува Михаилова.

„Руските телевизии известуваат едно, а украинските нешто сосема спротивно. Кога разговарам со другите, веднаш забележувам кој која телевизија ја гледа“.

Премногу пропаганда, премногу гранати. Михаилова не можела повеќе. Оваа жена од Доњецк засега сака да остане во Литванија. А, кога ќе се врати? Михаилова само одмавнува со главата. „Не знам“, вели и додава: „Сигурно не пред да заврши ова лудило дома“.